Стаматовски: Охриѓани сакаат и умеат да препознаат добар хумор
Во време кога секојдневието е сè побрзо и понапорно, хуморот станува неопходен дел од животот. Денес на 1 април се потсетуваме дека хуморот не е само забава, туку и начин полесно да се поминат животните предизвици. Смеата го подобрува менталното, а со тоа и физичкото здравје.

Според актерот и стенд-ап комичар Стрезо Стаматовски, луѓето со развиена смисла за хумор полесно се справуваат со секојдневието.
„Јас би рекол дека денес, и не само денес, имаат предност луѓето со високо развиена смисла за хумор. Така што мислам дека доста лесно се пробиваат низ овие тешки времиња, токму таквите луѓе, и се поприфатливи за општеството и за секој еден од нас.“ – вели Стаматовски.

Денес публиката, , знае да препознае квалитетен хумор и не се задоволува со површна содржина. Охриѓани сакаат и умеат да препознаат добар хумор.
„Воопшто не е тешко да се насмее, воопшто не е тешко ни да се расплаче. Меѓутоа, мислам дека за тоа е потребен доста квалитетен материјал во позадина и охридската публика, и не само охридската, добро знае да оцени што е нешто квалитетно, а што е нешто што брзо поминува и не остава впечаток.“ – вели актерот.

Во време на стрес и динамичен живот, хуморот има и подлабока улога – да ни помогне полесно да ги надминеме проблемите и да гледаме на работите од поинаков агол.
„Хуморот е многу важен, затоа што, како што кажав и претходно, многу полесно ги поминуваме сите препреки што животот ни ги носи и сите оние работи што ни се случуваат. Луѓето со развиена смисла за хумор имаат поразличен светоглед и го гледаат светот од еден поинаков ракурс, подготвени се на сè.“ – вели Стаматовски.

Според комичарите нема забранети теми за шегување.
„Тоа е индивидуално и субјективно. Според мене – не. Ако јас кажам нешто што тебе ќе те навреди, проблемот не е во мене, туку во тебе. Мислам дека за сè треба да се шегуваме. Не постојат теми кои се ‘забранети’.“
Комедијата денес не е само форма на забава, туку и начин да се шири оптимизам и позитивна енергија, не само кај нас, туку и во светски рамки. А на Денот на шегата, потсетникот е едноставен – да се смееме повеќе, дури и кога не е лесно.





Фото: Народен театар Охрид ; Импровокација


