Стара куќа на ул. „Аргир Маринчев“ може да се сруши во секој момент
Жители на Месокастро повторно реагираат преку рубриката ТиСиТвојотГрад за состојбите на улицата „Аргир Маринчев“. Стара куќа на самата улица може да се сруши секој момент. Куќата е напуштена и руинирана, но изгледа последното невреме ја доослабна нејзината дотраена конструкција.
„Куќата секој ден по малку се одронува на самиот пат. Поставена е црвена лента, можеби како предупредување за минувачите, но тоа не е никакво решение. “– реагираат граѓани кои испратија и фотографии.
Додаваат дека не им е познато кој е сопственик на куќата, но сметаат дека локалната власт треба да води грижа кога нечиј запуштен имот претставува проблем за околината. Бараат надлежните да ја обезбедат улицата и да ја отстранат опасноста која ги демне минувачите и возилата.
Улицата Аргир Маринчев беше актуелна во „ТиСиТвојотГрад“ и пред два месеци кога граѓани реагираа дека се урива потпорен ѕид пришто отежнато е движењето по тесната уличка кон чаршијата и се создава грда слика пред туристите.
„Каде се надлежните и мислат ли да го санкционираат ова? Пред некоја година куќата тука што беше се сруши, не знаеме кои се сопствениците, но тоа не значи дека Општината треба да остави вакво ругло во центарот на Охрид.“– прашуваше жителот на Месокастро.
За ТВМ од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид одговорија дека во врска со тој случај, Одделението за инспекциски надзор требало да ги лоцира и задолжи наследниците на имотот, се разбира доколку ги има, да го санираат потпорниот ѕид и да ја исчистат улицата.
Се бараат сопствениците на имот чиј потпорен ѕид се урива во чаршијата | Портал ТВМ (tvm.mk)