Стартува имунизацијата, вакцината на „Астра Зенека“ нема да се користи за помладите од 60 години
Денеска со имунизација на граѓани , кои се над 77 години, почнува имунизацијата со вакцината ан „Астра Зенека“, која пристигна преку Ковакс механизмот.
Денеска со имунизација на граѓани , кои се над 77 години, почнува имунизацијата со вакцината ан „Астра Зенека“, која пристигна преку Ковакс механизмот.
Тие ќе ја примаат вакцината на пунктовите ширум земјата. Во Скопје граѓаните ќе се вакцинираат на три пункта во поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт“. Денеска првите вакцини ќе ги примаат и граѓани во здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и Кавадарци.
Од петок ќе започне вакцинацијата во Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.
Вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени, ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок.
Информацијата за терминот граѓаните ја добиваат од матичниот лекар. Преку Ковакс механизмот во недела пристигнаа 24 000 вакцини од „Астра Зенека“ од нив 4 000 првично беа најавени за вработените во критичната државна инфраструктура, како вработените во МВР и Армијата, новинари, вработени во судовите и обвинителствата, возачите на автобусите на ЈСП, пожарникарите, воспитувачките во градинките и вработените на патарините.
Меѓутоа, ова е неизвесно со оглед на синоќешната најава од министерот за здравство, Венко Филипче, дека земјава ќе ги следи примерите на Канада и на Германија и нема да вакцинира лица помлади од 60 години со вакцината на „Астра Зенека“.
„По двата извештаи на Канада и на Германија донесовме одлука дека ќе ги следиме нивните препораки и нема да вакцинираме со ’Астра Зенека‘ лица кои се помлади од 60 години. Ние, секако, утре почнуваме со вакцинација на повозрасни граѓани, на возраст над 77 години“, изјави Министерот за здравство.
Тој додаде дека дополнително ќе се обратат и до Европската медицинска агенција (ЕМА) за став во врска со вакцината на „Астра Зенека“ по одлуките на Канада и на Германија.