Skip to main content

АК Градиште

Status quo за нелегалните градби во АК Градиште

Пештанци обвинуваат во АК Градиште се гради и нема одстранување на нелегалните објекти. Продолжува да се гради и покрај препораките на Унеско и спорот со имотно-правни односи. Повикуваат Градоначалникот и Премиерот да се заложат кај институциите да се почитуваат законите.
 |  Валентина Неловска  | 
пештанци

Во АК Градиште се гради интензивно и покрај препораките на Унеско и спорот со имотно-правните односи, обвинуваат од Здружението на граѓани со одземени имоти во процес на денационализација од Пештани. Кажуваат дека се продолжува со градежни активности во кампот пред летната сезона. Секојдневно се гради, иако има решение за отстранување на нелегално изградени 25 објекти утврдени од Општинскиот градежен инспекторат.

Ѓорѓи Танески, претседател на здружението, на денешната прес конференција потсети дека не се почитуваат решенијата за отстранување на нелегалните градби во строго заштитената зона на НП Галичица и за враќање на приватните имоти. Се обратиле до Министерството за транспорт и врски од каде добиле одговор дека се издвоени пари за рушење, а тие со години чекаат да се применат законите.

Донесени се решенија и записници за рушење на објекти, пари се одобрени од Владата, но никој не презема никакви активности. Се обраќавме кај поранешниот градоначалник Геoргиески, а бараме и од сегашниот градоначалник Пецаков да пушти служби и да се реализираат решенијата“ – кажа Танески.

Во авто кампот има нова цена за годишна кирија. Зголемена е закупнината за камп приколките и изнесува 1200 евра, со што корисникот на кампот и закупецот профитираат на сметка на приватните сопственици на парцелите во Градиште и на државата, обвинуваат пештанци. Тие посочуваат дека не се спроведуваат пресудите од Управниот суд за враќање на нивните имоти. Петре Цаноски, кажува дека се донесени пет пресуди во нивна корист по поништување на решенијата од Првостепена Комисија за денационализација.

„Не играат како сакаат. Политиката е замешана во АК Градиште, како ќе биде само Господ знае“ – вели Петре Цаноски.

Пештанци реагираат и на фактот што е затворен влезот во автокампот од страна на закупецот. Зад затворени врати се одвиваат градежни зафати и не се дозволува приод ни од надлежните институции ни од граѓаните до езерскиот брег, иако брегот е јавно добро во државна сопственост.