Ставен во функција кабинетот по практична настава во РЦСОО „Ванчо Питошески“
Финансиски средства се обезбедени од проектот од Локалната и регионална конкурентност од Светска банка и од општина Охрид. Во стручното угостителско училиште постојано се инвестира во подобрување на условите и квалитетот на наставата.
Современ опремен кабинет по практична настава добија учениците и професорите од регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“. Финансиските средства се обезбедени од проектот од Локалната и регионална конкурентност од Светска банка и од општина Охрид. На почетокот од второто полугодие од учебната година е ставена во функција новата работна просторија која ќе придонесе во подигнување на квалитетот на наставата, информира Марјан Радески, директор на регионалното стручно училиште.
„Со прераснување на училиштето во регионален центар се подобрува квалитетот на наставата, а се зголемува и нивото на опрема. Добиваме нова опрема која учениците ќе ја користат и ќе ги подобруваат своите компетенции “.
Во регионалниот училишен центар постојано се инвестира во подобрување на условите и во квалитетот на наставата. Покрај градежните активности изведени од Локалната со пректот за регионална конкурентност од Светска банка и од општина Охрид се планирани и 10 обуки за проширување на знаењата за учениците и наставниот кадар.Тоа се обуки од врвни професионалци од земјава во областите угостителство и туризам. Радески ги споделува и идните планови повзрани со реновирање на училишната зграда.
„Во наредниот период се зацртани и други инфраструктурни инвестиции во училиштето. Во летниот период е предвидено реконструирање на училишниот кров, ПВЦ столаријата и фасадата.Тоа се проекти кои планираме да се реализираат во 2021 година“.
Општина Охрид, исто така, во оваа учебна година 2020 /2021 обезбеди ИТ опрема за училиштето. Со 30 компјутери беа опремени училниците за изведување на он лајн наставата и кабинетот по информатика .