Skip to main content

Светски познат виолинист

Стефан Миленковиќ вечерва на Охридско лето

Уникатното и безвременско дело „Кармина Бурана“, но во една поинаква верзија ќе го изведат брилијантниот виолинист Стефан Миленковиќ и Ансамблот „Камерата Нови Сад“, вечерва на Охридско Лето.
 |  инфодеск  | 
Прес конференција

Светски познатиот виолинист, брилијантниот Стефан Миленковиќ, заедно со реномираниот Ансамбл „Камерата Нови Сад“, на Фестивалот Охридско Лето ќе го изведат уникатното дело „Кармина Бурана“ на сцената на Долни Сарај.

Српската вечер на „Охридско лето“ е продолжување на традицијата на Фестивалот за соработка со Амбасадите во Република Северна Македонија со чија помош се реализираат настапи на истакнати и еминентни уметници.

Вечерва во рамките на Српската вечер, фестивалот ќе понуди нешто ново, ексклузивно, многу атрактивно и наменето за пошироката публика. Ова е уште еден проект со врвен квалитет и реномирани уметници кои изобилуваат со енергија страст врвна интерпретација, на големо уживање на фестивалската публика на Охридско лето – кажа на денешната пресконференција директорката на фестивалот , Наташа Поповиќ.

Кармина Бурана е дело засновано на списи од средниот век пронајдени во манастир во Баварија кои ги пишувале група на студенти, уметници глумци наречени Голијарди. Публиката на вечерашната македонска премиера на Кармина Бурана ќе ужива во една поинаква верзија од она што го познаваат, мега делото за голем оркестар, два хора на Карл Орф.

Но ова е верзија, би рекол, уште поблиска до оригиналот аранжирана од Ана Крстајиќ. Тоа е верзија за виолина и камерен оркестар. На тоа додадовме уште неколку дела кои се вклопуваат, на овој или на оној начин во целокупната програма. Станува збор за трите Гершвинови Прелудиуми во аранжман за виолина и камерен оркестар, Пјацола со делото „Лето“ бидејќи е лето и „Квин“ со „Боемската рапсодија“, дело кое едноставно моравме да го вклопиме во програмата зашто е безвременска балада – потенцира, Стефан Миленковиќ – Виолинист.

Оваа музичка премиера ќе биде придружена од Ансамблот „Камерата Нови Сад“ при што Уметничкиот раководител на ансамблот Марко Милетиќ не го криеше задоволството што конечно ќе настапуваат на фестивалот Охридско лето.

Сите уживаме во прекрасниот Охрид,а задоволствотото ќе биде уште поголемо затоа што на првиот наш настап на Охридско лето, настапуваме со нашиот драг пријател Стефан Миленковиќ после голем број заеднички настапи, со кој соработуваме од 2011 година, а со ваква фантастична програма сметам дека не можеме подобро да се претставиме на ваков прекрасен летен фестивал – вели Марко Милетиќ, уметнички раководител на Ансамбл „Камерата Нови Сад“.

Инаку, виртуозот на виолина Стефан Миленковиќ од рана возраст го доби епитетот чудо од дете, а поради неговите врвни настапи тука на фестивалската сцена на Охридско лето слободно може да се каже дека е наш голем пријател и миленик на публиката која не останува рамнодушна на ниеден негов настан.