Skip to main content

Стефан Миленковиќ денес во рамките на „Охридско лето“ ќе одржи концерт во „Света Софија“

Познатиот виолинист Стефан Миленковиќ денес во рамките на „Охридско лето“ ќе одржи  концерт во „Света Софија“  заедно со неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ. Тој е среќен што е повторно во Охрид за кој го врзуваат спомени уште од детските денови. Стефан Миленковиќ во Србија ги носи титулите за Уметник на векот, Најхумана личност, Личност на годината и е еден од најпознатите уметници кој гради кариера на сцените во светот.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охрид го чуствувам за мој. Со Охрид ме врзуваат спомени уште од детството, тоа е нешто повеќе од самите мои концерти, од самиот фестивал, тоа е практично дел од мојот живот и моето семејство. Тоа го изјави познатиот виолинист Стефан Миленковиќ на прес-конференција по повод неговиот денешен концерт во „Света Софија“ во рамки на „Охридско лето“. Ќе настапи со неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ со атрактивна програма за концертот осмислен со, како што рече, „летен шмек“, изразувајќи уверување дека ќе и се допадне на публиката.

Сите дела се историски важни, од првата Соната на Бетовен, преку свита, дваесетминутна скратена верзија на „Бакнежот на самовилата“ на Игор Стравински, се до македонската премиера на дело од италијанскиот композитор Николе Кампогранде, инспирирано од Паганини. Потоа следува класика, делото на полскиот композитор Хенри Гењавски, создадено како изјава на неговата љубов кон неговата избраничка Елизабета Хемптон. На програмата е предвидена изведба на валцер и скерцо на Чајковски, истакна Миленковиќ.
За пијанистот Владимир Милошевиќ денешниот концерт ќе биде негов прв настап на нашата најреномирана музичко-сценска манифестација.

Мило ми е што првиот мој концерт тука е заедно со Стефан, со кого веќе неколку години наназад заедно настапуваме. Ова е еден од најзначајните фестивали во овој дел на Европа и токму затоа е голема чест да се биде дел од него. Мило ми е што фестивалот опстојува, со фантастични уметници и избрана програма, рече Милошевиќ.
Директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ е задоволна од досегашниот тек на годинашното фестивалско издание, реализираните содржини за кои рече дека бележат одлична посетеност.

Убедена сум дека денешниот концерт ќе се запише во листата најдобри концерти во фестивалската историја на „Охридско лето“. Би сакала само да најавам дека не очекуваат уште многу возбудливи настани на „Охридско лето“ со кои ќе го задржиме вниманието на публиката, рече таа.
Стефан Миленковиќ во Србија ги носи титулите за Уметник на векот, Најхумана личност, Личност на годината и е еден од најпознатите уметници кој гради кариера на сцените во светот.