Skip to main content

Стефани Ефтимовска од ОСУ „Св Климент Охридски“ доби стипендија од СИВУС

Стефани е матурантка во Гимназијата Св Климент Охридски која себе си во иднина се гледа како успешен професионалец на полето на информатиката.  Таа своето знаење ќе го надградува во СИВУС Едукативен и развоен центар кој поради нејзиниот континуиран успех во школувањето и додели стипендија.

 |   | 

Стефани Ефтимовска е матурантка во охридската гимназија која е посебно успешна на полето на информатиката и планира своето образование да го продолжи на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје. Во остварување на нејзиниот сон да биде успешна во ИТ индустријата ќе и помогне СИВУС Едукативен и развоен центар. Овој водечки центар специјализиран за обука и едукација во областа на програмирање, дизајн, компјутерски мрежи и тестирање на софтвер на Стефани денеска и врачи стипендија.

„ Јас имав веќе слушнато за СИВУС едукативниот центар и имав желба еден ден да влезам во тој центар и да научам нешто ново. За мене оваа можност е многу добра бидејќи отсекогаш ја гледав својата иднина во информатиката и сега ова е еден начин да научам нешто ново.“ изјави Стефани.

СИВУС Едукативен и развоен центар како водечка компанија во делот на едукација за информатички струки секоја година како дел од својата општествено одговорна пракса доделува стипендии на талентирани ученици од средните училишта низ Македонија.

„ Гимназијата „Св Климент Охридски“ во Охрид е едно од поактивните средни училишта кои ја промовираат информатиката и воопшто компјутерските насоки и ќе ни биде задоволство да промениме уште еден живот , животна приказна, во случајов за девојка која е пасионирана за изучување информатика и програмирање. – изјави Весна Иваноска, генерален менаџер на СИВУС едукативен центар (SEDC)

Доделувањето на стипендии за талентирани ученици се врши на два начини и тоа преку комуникација со таргетираните средни училишта и на натпревар организиран од СИВУС. Стефани беше избор на наставничкиот колегиум во гимназијата. Во нашето училиште навистина многу ученици се определуваат за Природно математичка насока од каде понатаму повеќето продолжуваат на Електро-машинки факултет или на ФИНКИ каде информатиката е еден од главните предмети, вели директорката на ОСУ “Св. Климент Охридски”, Проф. Весна Цветкоска.

„ Ние сме среќни и задоволни што имаме ваква можност да , на некој начин, посредуваме помеѓу едукативни центри и факултети коишто нудат стипендии и наши ученици да ги добијат тие стипендии кои навистина ќе им помогнат во понатамошното образование. Во однос на изборот , ние понудивме на сите насоки, меѓутоа најмногу на природно математичка, поставивме критериуми во кои успехот беше важен, учество на натпревари , одличен успех по информатика.“ – изјави Проф. Цветкоска.

Вториот начин да се добие стипендија од Едукативниот центар СИВУС е на натпреварот Challenge Day кој се организира секоја година во Скопје и во Охрид и истиот ќе се одржи на 23ти јуни.