STEM образованието е иднината – ОЕМУЦ „Св Наум Охридски“ го одбележа патронатот
Општинскиот електро-машински училишен центар „Св наум Охридски“ го прослави својот патронат.
На прагот на петтата индустриска револуција, СТЕМ образованието, вештините и знаењата за новите технологии, роботика или вештачка интелигенција се клучни за продуктивноста и ефикасноста во новото време. СТЕМ образованието значи наука, технологија, инженерство и математика и е многу повеќе од учење факти, истакна во своето обраќање пред присутните на свеченоста, директорот, Сашо Недески.
„ Тоа е образование што го подготвува детето за живот во дигиталниот век. Преку СТЕМ децата учат како да бидат адаптивни, како да се соочуваат со неочекувани предизвици и како да ги применуваат своите знаења во различни контексти. Затоа СТЕМ-едукацијата не е само модерна фраза или тренд во образованието. Таа е основна потреба за подготовка на нашите деца за светот што нè очекува. Со подготовка на младите умови во СТЕМ, ние не само што инвестираме во нив, туку и во нашата заедничка иднина. “ – кажа Недески.
Голема е честа и одговорноста да сме дел од процесот на воспитување и образование на младите кои се иднината на нашето општество, потенцира Недески. Училишниот центар во континуитет работи на подобрување на условите со цел создадавање на креативна и безбедна средина во која со користење на современа образовна технологија обучува кадри од областа на техниката, конкурентни на пазарот на трудот во регионот и пошироко.
„Особено сме горди и можеме со право да се пофалиме дека со поддршка на локалната самоуправа и МОН значително се подобрени и унапредени условите за престој и учење на нашите ученици во Центарот и полека, но сигурно прераснуваме во модерен обучен центар за целиот југозападен регион на формалното, но и на неформалното образование за обука и преквалификација на возрасни.“ – истакна Недески.
Во рамки на одбележувањето на патрониот празник на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, учениците имаа кабинетска презентација на струките, беа доделени награди од училишниот конкурс, пофалници за постигнати успеси на натпревари, а свеченоста беше збогатена со рецитали и културно уметничка програма во аулата на училиштето.
Развојниот пат на Општинскиот Електромашински Училиштен Центар „Св. Наум Охридски“ од Охрид започнал во учебната 1966/1967 и безмалку 6 децении Центарот успешно работи, се развива и е добитник на бројни награди и признанија во државата и надвор.