Стојаноски ја презеде функцијата Градоначалник на Охрид
Денес новиот градоначалник на Охрид Јован Стојаноски го презеде раководењето со Локалната Самоуправа од досегашниот градоначалник д-р Никола Бакрачески. Стојаноски вети дека ќе биде градоначалник на сите и дека нашиот град треба да тргне во еден позитивен правец, да добие повеќе од она што го заслужува како град, како бисер на Балканот и како бисер на нашата држава.
Денеска на новиот татко на градот, Јован Стојаноски од страна на претседателот на Општинскта изборна Комисија, Димитрија Вревезоски, му беше врачено уверението за избран градоначалник на локалните избори што се одржаа во Охрид на 15-ти октомври. На примопредавањето на функцијата, стариот градоначалник Никола Бакрачески и неговиот наследник испија кафе во кабинетот и остварија получасовен разговор.
Новиот градоначалник на Охрид во својата прва изјава на функцијата вети дека ќе биде градоначалник на сите и побара од граѓаните трпение бидејќи работите нема да се одвиваат брзо и едноставно како што очекуваат но истовремено им порача да бидат упорни во остварување на нивните барања. Притоа изрази надеж дека во наредниот 4 годишен период ќе бидат решавани сите проблеми и ќе постигнеме развој на градот. Стојаноски ги откри и приоритетите на кои ќе се посвети на самиот почеток на мандатот.
„Значи скенирањето на финансиската, оргазнизациската и техничката поставеност на јавните комунални претпријатија и на општинската администрација е приоритет во оваа почетна недела од мандатот а напоредно ќе се работи и она што најмногу не очекува пред се мене, а тоа е изготвување на буџетот за 2018 година, се разбира дека тоа се двата приоритети на кои што во овој момент мораме да работиме затоа што календарската година привршува започнува новата, а ние мораме да ги изготвиме буџетските програми ида ги ревидираме постојните програми за да можеме во 2018 година веќе да програмски бидеме ориентирани како општина Охрид“.
Никола Бакрачески, сега веќе поранешен градоначалник, честитајќи му ја победата на новиот градоначалник истакна дека не се сомнева оти Стојаноски е личност кој ќе знае како да ги менаџира проблемите и предизвиците на градот Охрид како и тоа дека ќе испорача голем дел на проекти за доброто на охриѓани и градот Охрид.
„Затоа во овој момент ќе кажам дека треба сите како охриѓани да се вложите себе си и да смогнете сили да му помогнете на новиот градоначалник на Охрид успешно да ги спроведе ветувањата према вас и према охриѓани и успешно да го води овој град кон една подобра иднина за охриѓани и кон едно посветло утре“
Бакрачески изрази надеж дека трендот на раздолжување на општината кој започна во неговиот мандат ќе продолжи и дека успешно ќе биде завршена реализацијата на започнатите капитални проекти. Тој предавајќи ја функцијата најави враќање на неговата професија, кардиологијата.