Стојаноски: Во Охрид не се мијат улиците а се издвојуваат високи средства од буџетот за таа намена
Каде ЈП Охридски Комуналец потроши 10 милиони денари, средства кои се прикажани во извештајот за реализација на програмата за животна средина и природата за 2016 година, побараа одговор советниците од социјалдемократскиот сојуз на последната седница на Совет. Конкретен одговор од Сектор за животна средина, не добија.
Во општина Охрид не се мијат улиците а се издвојуваат високи средства од буџетот за таа намена. Оваа забелешка доаѓа од советничката група на охридските социјалдемократи, базирајќи се на последниот извештај за реализација на програмата за заштита на животната средина како и извештајот за реализација на програмата за јавна чистота. Координаторот Јован Стојаноски побара докази дека ЈП Охридски Комуналец ги извршува услугите меѓу кои и миење на улиците за што наплатува средства од општината.
„На кој начин вие ќе објасните дека сте потрошиле околу 10 милиони денари средства колку што стои во извештајот. Претпоставувам, според она што е наведено во извештајот тие 10 милиони се однесуваат на метење и миење на улиците. Како стигнавте до таа цифра во извештајот не пишува, а дека ќе ме убеди некој дека пример ул „Пирин Планина“ е миена секој ден, нема шанса“
Елена Скрческа директорката на Охридски Комуналец изненадена е од забелешката дека улиците во градов не се мијат. Според неа извештајот е точен и според истиот се придржувале.
„Она што го викаме миење на улиците ЈП располага со цистерна кој што во вечерните часови, посебно полсле 23 часот до 4 сабајле кога сметаме дека во градот има помала фрекфенција на луѓе и возила ги миеме во период од 6 месеци“
Додека пак од Секторот за животна средина Хавза Реџеп Какељ, истакна дека, тоа го контролирале нивни инспектори.
„Ние од Секторот не секогаш но повремено имаме наш вработен кој што ги контролира активностите при реализација на оваа програма. Нормално имаме меѓусебна доверба, нормално Јп со Локална самоуправа“.
Претставничката од секторот за животна средина и покрај настојувањата на Стојаноски да појасни каде се трошат средствата наменети за реализација на програмата за заштита на животна средина, не даде конкретен одговор. Хавза за поопширно објаснување му посочи на Стојаноски да се обрати до одделението за финасии.