Стоп за насилството врз животните, порачуваат од Анималиа
Стоп за насилството врз животните, порачуваат од Анималиа.
Од Анималиа алармираат згрозени сме од фотографиите и информациите добиени за Вевчанскиот карневал, кои покажуваат дека за време на неговото одржување се случувал садизам и се толерирало насилство врз животните. Најостро го осудуваме мачењето на животните кое се случило на улиците на Вевчани, За тоа сведочат бројни потресени граѓани и посетители кои приложија слики како доказ за овој морбиден чин.
На карневалот во Вевчани, неколку маскирани момчиња на стап врзале куче и го удирале со стапови. Кучето било мртво (не се знае дали овој морбиден чин или претходно било мртво), за на крај да го фрлат во оган. Исто така, сведоците ни потврдија дека и живи кокошки биле бодени на вили и усмртувани, живо куче со заврзани очи, преплашено било влечено во толпата народ, натоварени магариња и коњи приморани да одат во толпата, тепани доколку не сакаат да продолжат, обезглавени зајаци.
Како Здружение за заштита на животните, но и како морални, осетливи човечки суштетва, крајно сме згрозени од овој морбиден чин. Шокирани сме затоа што наместо уметност, досетливост, хумор и сатира, во Вевчани се овозможи и истолерира насилство, страв и крв, безумие. Што сакаа со овој ,,маскенбалски чин” да постигнат и дали е тоа човечен дел од традицијата? Како може да се исмејува нечија смрт? Зарем ова е културен чин кој треба да биде промовиран од Владата на РМ и Министерството за култура, прашуваат од Анималиa.
После реакцијата на Анималиа за овој немил чин, веста набрзо се прошири во Македонија, но и надвор од границите. Вознемирени од овој чин се обративме до организаторите на Вевчанскиот карневал, Министерството за култура кое ја спонзорира оваа манифестација, општина Вевчани и бараме соодветна реакција на МВР, кои се должни да ги санкционираат оние кои не го почитуваат Законот за заштита и благосостојба на животните, посочуваат од Анималиа.
Од здружението се обратиле и до Агенцијата за храна и ветеринарство со барање итно да се постапи согласно Законот за заштита и благосостојба на животните, во кој стои дека е забрането предизвикување на болка, патење или повреди , сурово или нехумано однесување. Бараме да се откријат и казнат поединците кои стојат зад овие злодела, напоменуваат од Анималиа.
{loadposition content9}