Skip to main content

Стопирана изградбата на објектот во старата охридска чаршија, пријава за инвеститорот

Стопирана изградбата на објектот во старата охридска чаршија од страна на Државниот инспекторат за градежништво. Инспекторите при вонреден увид утврдиле дека инвеститорот гради бесправно, за што ќе му биде поднесена пријава.

Oбјектoт кој се гради во Старата охридска чаршија, во заштитетната зона на Старото градско јадро во Охрид, е дивоградба утврди Државниот инспекторат за градежништо и урбанизам преку вонредна контрола.

При увидот, инспекторите констатирале прекршување на одредбите од Законот за градење, односно инвеститорот вршел градежни активности без Одобрение за градење.

-Во рамки на своите законски надлежности Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам донесе решение број ИП 1бр 74-137 од вонреден инспекциски надзор со кое се стопира изградбата и го затвора објектот за понатамошни градежни активности. Против инвеститорот ќе се поднесат соодветни пријави согласно законските прописи, информираат од Министерството за транспорт.

Оттаму посочуваат дека заштитата на Старото градско јадро на Охрид е со цел со цел да се спречат дејства, појави и влијанија со коишто може да настане оштетување, неповратно изменување, уништување или деградирање на споменичната целина.

Токму за такви појави и влијанија алармира граѓанската платформа Охрид СОС кога пред 15 дена посочија дека кон крајот на чаршијата се подигнува огромен објект, кој според обемот и големината отскокнува од околните објекти.

Иако е дел од Старото градско јадро, за кое важи посебен закон, односно Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чаршијата е препуштена на стихијата и тука секој прави она што сака, без никаква регулатива, реагираа од Охрид СОС.

Старото градско јадро на Охрид е составен дел од доброто заштитено како „Охридско природно и културно-историско подрачје од 1978 година, како и од „Природно и културно наследство на Охридскиот Регион”, впишано на Листата на светско наследство на УНЕСКО во 1980 година.

фото: Охрид СОС