Skip to main content

Струшките еколози испратија писмо до премиерот Заев, бараат конечно решение за дивата депонија

Според нив постои  бирократски проблем бидејќи не се искористени парите одобрени  за  транспорт на отпадот до Дрисла.  Неодамна општина Струга побарала пренамена на тие средства што предизвика револт кај стружани. 

 |  Валентина Неловска  | 

Еколозите и граѓанските активисти од СТРуга бараат итна средба со премиерот Зоран Заев. Тие испратиле писмо до премиерот загрижени за инертноста на иституциите во конечното решавање на проблемот со дивата депонија на влезот од градот. Тие потсетуваат дека и по една и пол година од одлуката на Владата за итно решавање на проблемот нема конкретни резултати. Глигорие Ќатоски од граѓанското движење „Доста е“ , предлага вклучување на премиерот за да се реши овој мошне сериозен еколошки проблем за Струга .


„Во врска со проблемот со транспортот на отпадот до регионалната депонија Дрисла сметаме дека со една директна вклученост на премиерот во решавање на овој бирократски проблем многу брзо ќе може да се изнајде решение, а сето тоа во контекст на непречен транспорт на отпадот од општина Струга во Дрисла, за која веќе година и пол се предвидени и обезбедени средства“, рече Глигорие Ќатоски.

Екологистите потсетуваат дека депонијата и понатака ги труе стружани, а општинските власти продолжуваат да го депонираат комуналниот смет на истата локација, подвлекува револтирано Ардијан Демири- движење „Стружани за Струга“ .


„Она што нас ни беше ветено од Владата и лично од премиерот Заев е дека тој лично ќе се ангажира и со конкретни чекори ќе го реши проблемот со депонијата што за жал и ден денес после година и пол од тоа ветување нема ништо“, посочува Ардијан Демири- движење „Стружани за Струга“.

Она што дополнително ги револтира струшките активисти и еколози е незаинтересираноста на општинските власти да се реши еколошкиот проблем. Тие побарале пренамена на околу 5 милиони денари средства кои првично биле наменети за транспорт на отпадот до Дрисла, за транспорт на отпадот на постоечката локација. Според еколошките активисти, ваквата одлука била донесена без да се чуе гласот на граѓанскиот сектор и невладините организации кои се занимаваат со овој проблем.

Во моментов на депонијата е изградена само претоварна станица за пресирање на отпадот, но таа никогаш не профункционирала, реагираат струшките еколози.