Стружанец со „БМВ“ прегази две братчиња на охридскиот Булевар Железничка
Момчињата се здобиле со сериозни повреди од кои едното е пренесено на клиниката “Мајка Тереза” во Скопје. Жителите на Железничка стравуваат за својата сообраќајна безбедност и бараат постојано присуство на полиција.
Прегазени две братчиња на охридскиот Булевар Железничка. Децата на возраст од 12 и 18 години биле повредени вчеравечер во 18.25 минути од автомобил со струшки регистарски таблички. 18 годишното момче се здобило со тешки повреди на главата и уште синоќа било пренесено на клиниките “Мајка Тереза” во Скопје. Неговото помало братче е задржано во болницата за Ортопедија и труматологија “Св.Еразмо” во Охрид со скршеници на ногата и потрес на мозокот. На возачот, 45 годишен жител на струшкото село Лабуништа, одземена му е возачката дозвола и возило БМВ. За сообраќајната несреќа известен е Јавени обвинител и извршен е увид на местото на настанот, информираат од СВР Охрид.
„По налог на Јавен обвинител возилото е дадено на дополнително вештачење. Медицински лица зедоа крв за утврдување на неговата евентуална алкохолизираност. Резултатите се очекуваат“, информира Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Охридската јавност е потресена од овој трагичен настан. Жалење изрази градоначалникот Константин Георгиески.
„Немам зборови да ја искажам тагата и болката која ја чувствувам. Јас и целата Општина стоиме на располагање да му помогнеме на семејството на братчињата за се што им е потребно“ напиша на фејсбук профилот Георгиески.
Железничка од поодамна важи за една од поопасните градски сообраќајници. Жителите кои живеат во овој дел од градот стравуваат за својата сообраќајна безбедност. Велат дека не се почитува ограничувањето на брзината и бараат постојано присуство на полиција.
Од СВР Охрид потсетуваат дека за намалување на сообраќајните несреќи на дел од булевар Железничка е изградена кружна крстосница, а има и присуство на полициски службеници.
„На делови од Булеварот има зачестено присуство на полициски службеници кои вршат патроли и контроли на патничките возила кои се движат на овој потег. При тоа се поднесени повеќе пријави за непочитување на дозволена брзина во движење и во околности кога полициските службеници констатирале и други прекршоци од одредбите на Законот за патна безбедност во патниот сообраќај“.
За престојните празници од СВР Охрид упатуваат апел до сите возачи да внимаваат на својата и на безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.