Skip to main content

Студенчишкото блато ќе биде прогласено за Парк на природата


Советниците донесоа одлука да се предложи прогласување на блатото за заштитено подрачје. На денешната седница беше направен и ребаланс на Буџетот на општина Охрид со алоцирање на средства од неколку програми во ставката за асфалтирање на улици во градот со што не се согласија советниците од опозицијата.

 |  Валентина Неловска  | 

Студенчишкото блато ќе биде прогласено за заштитено подрачје. Мнозинството советници во охридскиот совет денеска ја изгласа предлог одлуката за предлагање прогласување за заштитено подрачје Студенчишко блато во категорија Парк на природата. На денешната седница претходно беше усвоена Студијата за валоризација на просторот на Студенчишкото блато. Изготвувачот на студијата кажа дека станува збор за уникатен еко систем и на блатото се направени зони на заштита. Според студијата се предлага реставрација на Блатото и обновување на природната врска со Охридското езеро и понатамошно управување со просторот. Тоа подразбира расчистување на каналот од пловни објекти, да се дислоцираат објектите од плажите, објектот на полицијата, пристапните патишта, расадникот. Дел од блатото ќе може да се користи како туристичка атракција и за и научни цели, а да се користи понатака традиционалниот начин на обработување на земјоделските површини кои се во приватна сопственост и се дел од површините на блатото.

„Многу е значајно ова Блато да се стави под заштита заради заедниците и живеалишта и видови во блатото , но и заради поддршката која му ја дава блатото на Езерото како уникатен воден екосистем“, беше потенцирано на презентацијата на студијата.

На денешната седница беше изгласан и ребаланс на буџетот. Односно советниците изгласаа картење во ставките за неколку програми и ги алоцираа средствата во програмата з а комунални дејности. Се скратија ставки од програмите за спорт и рекреација, образование, социјална заштита, развојна програма за уредување на градежно земјиште, за изградба на сообраќајна сигнализација, развојна програма за изградба на системи за водоснабдување 2020 -2022. Со измените на двете последни програми не се согласија советниците од опозицијата, а со кои 4,7 милиони денари се пренасочуваат во ставката за комунални дејности, поточно за асфатирање на улици.

Сметам дека намалувањето на средства во делот за водоснабдување каде што има реален проблем со водата за пиење во селата треба да се однесуваме поодговорно и да најдеме начин овие предлози во буџетото да се реални. Тоа е нешто з а кое сум се залагал, 3,5 милини денари за водоснабдување и 1,2 милион денари за сообраќајна сигнализаија треба да се пренасочат во асфалтирање на улици кое беше засилено во перидов во секоја населба“, кажа Кирил Пецаков, советник од Вмро Дпмне.

Покрај овие точки советниците донесоа одлука да се продолжи со субвенционирање велосипеди за граѓаните, финансиска помош за градот Нови Пазар, одобрено е ослободување од плаќање партиципација на деца кои одат во градинката Јасна Ристеска, а се пренесе и правото на користење на ламинат во сопственост на општина Охрид за неколку основни охридски училишта.