Skip to main content

Образование

Домовите сe отвораат за студенско сместување

Во оваа академска година во државните и приватните студенски домови има на располагање вкупно 4834 кревети. Студентите ќе се пријавуваат по електронски пат на конкурсот.
 |  Валентина Неловска  | 
студенски дом

Студенските домови ги отвораат вратите за сместување на редовните студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните високообразовни установи во земјава. Министерството за образование распиша конкурс за прием на студенти во 11-те државни и приватни студентски домови во земјава.

Во студиската 2022/2023 година во домовите има на располагање вкупно 4834 легла од кои 1165 легла се наменети за студентите во прва година, а 3669 легла за сите останати студенти кои ги исполнуваат условите од конкурсот. Студентите ќе се пријавуваат за сметување во домовите по електронски пат на конкурсот.

Во државниот студенски дом „Никола Карев ” од Охрид има 242 слободни легла, 48 легла за студентите во прва година и 194 легла за студентите во 2,3,4,5, год и апсолвенти. Во најголемиот државен студенски дом „Гоце Делчев“ од Скопје, за бруцошите има 237 легла, а за студентите од 2,3,4,5 година и апсолвентите 949 или вкупно 1186 легла.

Распределбата на слободните места во домовите ќе се врши според одредени критериуми.

40% од вкупниот број на расположливи места во домовите се за студенти за кои вкупните приходи во семејството се до нето минималната плата, и тоа за студенти кои се без родители, со посебни потреби, корисници на социјална парична помош и постојана парична помош, деца на самохран родител, на невработени родители и корисници на надоместок по основ на престанок на работен однос од деловни причини.

25% од вкупниот број на расположливите места во домовите се за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето.

Од вкупниот број расположливи места во студенските домови, 20% се обезбедуваат за студенти, кои за прв пат ќе бидат запишани на прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија.