Студентите од ФТУ со дипломи под рака-кон иднината
Од денес се отвораат нови хоризонти за околу 200 студенти на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.
Околу двеста студенти од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, денес зачекорија кон својата иднина. По неколкуте години стручна наобразба, денес ги добија своите дипломи како сведоштва за вложениот труд.
Имаше и додипломци и новопечени магистри, секој со своите планови за иднината. Очекувањата позитивни, исто како поминатото искуство во текот на студентските денови. Сега, пред нив стојат нови предизвици.
„Во иднина очекувам дипломава да ми донесе многу успех, за да можам понатака да продолжам со дипломава. Образовниот процес одеше многу добро, многу научивме тука. Се надевам дека во иднина, јас сакам да продолжам понатака да студирам па ќе видиме…“
„Сите студенти очекуваат да најдат добра работа, се надевам по струката и успеси секако и понатаму.“-рекоа дел од нив.
Од Факултетот за туризам и угостителство пак велат дека ова е само еден убав почеток на стручната наобразба на студентите.
„Ова е само едно скалило од нивниот професионален развој. Им посакуваме уште многу скалила да се искачуваат. Секое скалило значи ново задоволство и нови хоризонти во нивната професионална кариера. Во исто време, се разбира им посакуваме успешно да го најдат своето место во целиот систем на Република Македонија и да придонесуваат за развојот на оваа прекрасна земја.“-рече деканот на Факултетот за туризам и угостителство, Професор д-р Сашо Коруновски.
Проф.д-р Коруновски додава дека Факултетот има уште многу што да им понуди на своите студенти. Едногодишни и двегодишни магистерски студии, а голема новост е и добивањето на акредитација за спроведување и на докторски студии во рамките на факултетот.
{loadposition content9}