Skip to main content

Студентскиот дом во Охрид под клуч, ова лето не сместува туристи

Среде туристичката сезона, студентскиот дом „Никола Карев” во Охрид остана под клуч. Веќе десетина дена објектот е без електрична енергија, ова лето домот нема да работи комерцијално и нема да прима туристи. Во тек е промена на раководството и подготовки за долгоочекувата реконструкција.
 |  инфодеск  | 

Студентскиот дом „Никола Карев” во Охрид ова лето останува затворен. По завршувањето на академската година, студентите го напуштија домот, кој повеќе од две недели поради натрупаните долгови, повтроно остана без струја. . За разлика од изминатите години, кога во текот на летото остваруваше приходи од сместување туристи, оваа сезона објектот нема да работи комерцијално. Министерката за образование и наука Весна Јаневска информираше дека  во тек е  смена на директорот поради, како што рече, недомаќинско работење.

 „Оваа година ќе почне и реновирањето на студентскиот дом во Охрид. Тој е во лоша состојба. Направивме ревизија и утврдивме дека досегашното раководство крајно недомаќински работело и во моментов е во тек постапка за промена на директорот.” – изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

По повеќе од шест децении од изградбата,до крајот на летото се очекува да зпаочне реконструкцијата.  Студентскиот дом  треба да добие целосно нов лик. Проектот предвидува целосна реконструкција на собите, кујната, ресторанот, рецепцијата и административните простории, нова фасада, поставување соларни панели, како и воведување централно греење и ладење.

„Почнуваме со темелна реконструкција на студентскиот дом, со вкупни вложувања на Министерството за образование и наука од околу 5,5 милиони евра во Охрид. Работиме за младите и им овозможуваме подобри услови, секако и на нивните наставници, кои се клучна карика во образовниот систем, за стекнување повеќе знаење, повеќе вештини и повеќе компетенции.”- кажа Јаневска.

Додека трае реконструкцијата студентите ќе се сместуваат во дел од постојните хотелкси капацитети во Охрид. Од Министерството очекуваат со проектот  да се подобрат условите за престој на студентите, да се надминат долгогодишните проблеми во работењето и домот повторно да стане функционален и одржлив. Студентскиот дом располага со капацитет од 240 легла, но со години се соочува со намален број студенти и финансиски проблеми.

Соња Рилковска