Skip to main content

Субвенции за енергетска ефикасност и купување на печки на пелети по изборите

 Расте бројот на баратели за субвенции  од државата, покажува досегашното искуство. По завршување на претседателските избори  и годинава граѓаните ќе имаат можност да поднесуваат барања до министерството за економија.

 |  Валентина Неловска  | 

Со буџет од 50 милиони денари Министерството за економија ќе ја поттикнува енергетска ефикасност на домаќинствата, за вградување на сончеви колектори, ПВЦ или алуминиумски прозорци, како и за купување на печки на пелети.
Ресорното министерство има на располагање пет милиони денари за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата. Предвидено е да се надоместува до 30% од вредноста и не повеќе од 15.000 денари. Со 25 милиони денари ќе се субвенционираат дел од од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 25.000 денари по домаќинство. За печки на пелети се обезбедени 20 милиони денари, а со линеарна распределба по домаќинство, на граѓаните ќе им се субвенционираат до 25.000 денари.
Едно домаќинство може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок. Доделувањето на средствата ќе се врши по принципот “прв дојден, прв услужен. Еден од условите за да се аплицира за надоместокот за користење на субвенциите досега да не е искористено ова право за добивање на средства. Од пред 10 -тина години кога започна субвенционирањето за енергетска ефиканост на домаќинствата од година во година расте бројот на баратели. Така, во 2017 година за вградување сончеви колектори биле доделени субвенции во вкупен износ од 16 милиони денари на 1.794 баратели, а со 36 милиони денари биле поддржани 1.327 баратели за вградени енергетски ефикасни ПВЦ или алуминиумски прозорци.