Skip to main content

Демант

Судијата Стрезоски го демантира Џепароски : Повредите на тужителот не биле од пад во шахта

Судијата Стрезоски вели во текот на судската доказна постапка не се утврдило дека повредите на Џепароски настанале од пад во шахта.
 |  инфодеск  | 
Суд

Судијата Богоја Стрезоски ги демантира изјавите на Илија Џепароски, кој тврди дека паднал во отворена шахта, а наместо отштета од ЈП „Нискоградба“ треба да плати 200 илјади денари за судски трошоци.

Барал оштета, ќе ги плати судските трошоци

Стрезоски во телефонска изјава вели во текот на судската доказна постапка не се утврдило дека повредите на Џепароски настанале од пад во шахта. Самите фотографии, кои ги доставил тужителот до судот, од шахтата покажале дека таа не била отворена и длабока за при пад да се стекнат такви повреди. Стрезовски вели тужителот се обидува во јавноста да пренесе искривена и лажна слика во која го компромитира судот и судиите.

Одлуката нема никаква поврзаност помеѓу судот и тужениот во случајот ЈП „Нискоградба“, напротив таа е донесена во законита постапка која е потврдена и од Апелациониот суд Битола, вели Стрезовски.

Таквите наводи на Џепароски се комплетно неосновани, бидејќи судот изведе опширна доказна постапка и во таа постапка не се утврдија неговите наводи дека настанала повреда од пад во шахта. Значи за судот беше неспорно дека тој е повреден, но не од пад во шахта. Самиот тужител во доказната постапка достави фотографија од која може да се види дека шахтата била тампонирана и никако не можело да се случи тој да има пад во шахта – потенцира судијата Богоја Стрезоски.

Во однос на пресудата Џепароски да плати 200 илјади денари на име судски трошоци, Стрезоски вели тоа е согласно законот. Оној кој го губи спорот ги сноси и судските трошоци.

Секоја постапка има ризик од неуспех, доколку не се успее во постапката однапред се знае дека странката која го губи спорот треба да ги плати трошоците. Јас жалам што тој треба да плати трошоци меѓутоа тоа не е волја на судијата туку тоа е така согласно законите. Тој што ја губи парницата е должен да ги плати трошоците на странката која успеала во спорот. Приказната можеби беше интересна за гледачите, меѓутоа не е вистинита – рече Стрезоски.

Од ЈП „Нискоградба“ Охрид велат изјавите на Џепароски се паушални и невистинити. Тој од ЈП барал 3 милиони денари отштета, но судот врз докази утврди дека неговите повреди не настанале од пад во шахта.

повреда

Од изведените докази судовите утврдиле дека не постои причинско-последична врска помеѓу повредите на тужителот Џепароски и делувањето, односно пропуштање на било кое дејствие кое ЈП „Нискоградба“ било должно да го преземе, изврши. Или со други зборови од одлуката: „тужителот не достави докази со кои со сигурност би докажал дека предметната штета настанала од пропаѓање, односно сопнување и не достави докази дека за штетата постои вина кај тужениот“. Изнесените тврдења на Џепароски се паушални, не се поткрепени со докази, што се утврди во наведените судски постапки, погоре цитирани – велат од Нискоградба.

Вчера охриѓанецот Илија Џепароски на прес конференција пред судот ги обвини Основниот суд во Охрид и ЈП „Нискоградба“, за меѓусебна поврзаност, тврдејќи дека наместо отштета за пад во шахта добил пресуда да плати 200 илјади денари за судски трошоци.

Новинар : Соња Рилковска