Судска разрешница за случајот лизгалиште следната недела
Судска разрешница за случајот лизгалиште следната недела.
Во Основниот суд Охрид денес се одржа рочиште за случајот лизгалиште. Секретарот на општина Охрид Димитар Спасески го тужи советникот од ЛДП Дејан Блажески за клевета. Спасески во овој спор бара оштета од 5000 евра , за наводно изнесени клевети во врска со градското лизгалиште.
Во овој судски предмет судијата ги сослуша тужителот Димитар Спасески и тужениот советникот Дејан Блажески кој е обвинет за клевета. Спасеки кажа дека тој не е потписник на договорот за поставување на лизгалиштето и со тоа Блажески напрвил клевета кон него нарекувајќи го проектот штетен и криминален. Блажески пак, напомена дека на неговата прес конференција никаде не споменал дека договорот е криминален туку дека има основано сомнение за контроверзен договор. Претходно на седница побарал информации за поставувањето на лизгалиштето но бил одбиен. Потоа барал информации според законот за пристап до информации од јавен карактер.
На распитот не беше прифатено спогодбено решавање на предметот. Застапниците на тужителот и тужениот останаа секој на своето тужбено барање. Беа изнесени и завршни збори на правните застапници. Александар Гоџо застапник на тужителот Димитар Спасески во завршните зборови изнесе дека како советник Блажески морал да знае дека во локалната самоуправа договори и правни прописи освен градоначалникот никој друг не смее да склучува и потпишува. Тужениот со тоа во јавност изнел невистини со знак на клевета дека Спасески потпишал штетен договор за поставување на лизгалиште.
Од друга страна застапникот на тужениот Дејан Блажески, Александар Марковиќ го отфрли тужбеното барање и висината на оштетното побарување како неосновани. Адвокатот кажа дека советникот се сомневал за незаконско работење од претходно објавени информации во медиумите. Пред спорната прес конференција, советникот побарал од Советот информација за релевантни факти за лизгалиште, но бил одбиен. Според Марковиќ потписник на договорот може да биде било кое овалстено лице од градоначалникот, а тоа не го исклучува да биде и секретарот. Советникот Блажески имал намера да добие информација од носител на јавна функција за прашање во интерес на јавноста за тоа како се трошат парите на граѓаните и немал намера за клевета.
Дејан Блажеки по завршување на рочиштето даде кратка изјава за медиумите.
„ Дејан Блажески не води лична битка со човек со кој игра во различна лига. Во интерес на граѓаните ќе се трудам да ги објавувам фактите кои ги носи мојата функција и обврските кои се на Локалната самоуправа,“ изјави за медиумите Блажески.
Димитар Спасески по распитот ја напушти судницата пред да заврши рочиштето.
Судската разрешница за случајот лизгалиште ќе биде објавена идната недела.
{loadposition content9}