Еден кривичен судија во Струга, тројца во Охрид, македонското судство се соочува со сериозен недостиг на судии, јавни обвинители и стручен кадар

Еден кривичен судија во Струга и тројца во Охрид. Оваа слика, според адвокатот Александар Новаковски, најдобро покажува дека македонското судство се соочува со сериозен недостиг на судии. Новиот Предлог-закон за судови, вели, содржи неколку позитивни решенија, меѓу кои се реорганизацијата на судската мрежа и можноста судиите да ја продолжат својата работа до 70-годишна возраст. Но, предупредува дека без нов судиски кадар тешко може да се очекува поголема ефикасност.
„Мислам дека новиот закон нуди решенија кои можат да ја подобрат ефикасноста во судството… Имаме судови каде што навистина има мал број судии, а голем број предмети. И тоа што се продолжува можноста судиите да работат до 70 години мислам дека е добро решение, затоа што секоја година самиот судија се изјаснува дали е способен, а постои и контрола од Судскиот совет.” – вели Александар Новаковски, адвокат.

Новаковски смета дека недостигот на судии не може да се надмине само со реорганизација на судската мрежа. Според него, потребно е да се овозможи и искусни адвокати да бидат избирани за судии, бидејќи токму тие можат да помогнат во надминување на кадровскиот дефицит.
„Јас не гледам друго решение… Има многу подготвени млади адвокати кои сакаат да ја вршат оваа функција. Секаде во светот судството и обвинителството ги преземаат адвокатите. Кај нас ниту може да се оди во обвинителство, ниту може да се пријави за судија. Ние сме заложници на решенијата преку Академијата. Сметам дека адвокатите имаат големо искуство, а судијата, покрај знаењето, треба да има и големо животно искуство, бидејќи одлучува за судбините на луѓето.” – вели адвокатот Новаковски.
Од Министерството за правда признаваат дека недостигот на судии, јавни обвинители и стручен кадар е еден од најголемите проблеми во правосудството. Велат дека токму затоа се подготвуваат законски измени кои ќе овозможат повторно да започне приемот на нови кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители.
„Свесни сме за таа состојба. Таа состојба е наследена. Имаме недостаток на судии и јавни обвинители, но имаме и недостаток на стручен кадар. Поради недоследностите во сегашното законско решение беше стопирана деветтата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители. Затоа ни е потребно донесување на новиот закон, кој веќе е во владина процедура, за да може да се распише нов оглас.”- вели Ален Деребан, заменик-министер за правда.

Предлог-законот за судови во моментов е во владина процедура. Од Министерството за правда очекуваат наскоро да биде доставен до Собранието, по што ќе може да започне постапката за прием на нова генерација кандидати за судии и јавни обвинители.
И додека адвокатите бараат поширок пристап за избор на судии и поголемо отворање на системот за искусните правници, од Министерството за правда уверуваат дека новите законски решенија ќе создадат услови за пополнување на испразнетите судиски и обвинителски места. Дали тоа ќе биде доволно за надминување на кадровскиот дефицит во судството, ќе зависи од динамиката на законските измени и изборот на нови кадри.
Соња Рилковска







