Сумирани првичните резултати од гласањето во Охрид
Сумирани првичните резултати од гласањето во Охрид
Според изборните резулатати на ДИК 30 727 охриѓани гласале вчера на 5-тите претседателски избори. Во првиот круг на гласањето мнозинството од нив го заокружиле името на претседателскиот кандидат Ѓорѓе Иванов од Вмро Дпмне. Својот глас за Иванов го дале 17.270 гласачи или 33,72 посто од вкупниот број на граѓани евидентирани во единствениот избирачки список. За Стево Пендароски претседателскиот кандидат на СДСМ гласале 11.322 гласачи или 22 ,11 посто од вкупниот број на гласачи од избирачкиот список. За Иљаз Халими гласале 359 гласачи, а за Зоран Попоски својот глас го дале 726 избирачи.
За изборните резултати во Охрид денес со свои ставови и гледишта излегоа претседателите на двата поголеми општински политички ривали, Вмро Дмпне и СДСМ.
Претседателот на ОК на Вмро Дпмне, Атанаско Михаилов е задоволен од постигнатите резултати. Тој изразува благодарност до сите граѓани кои покажале дека Македонија има зрело гласачко тело и свесни граѓани кои ја знаат суштината на демократијата и одговорноста кон државата и изборот на институциите кои ја водат државата.
„ Ние извојувавме голема победа на локално ниво со разлика од 6000 гласа, 17.266 наспрема 11.308 гласа, со што го повторивме резултатот направен на локалните избори и довербата што ја имавме кај граѓаните. Констатирам со жалење дека албанското гласачко тело посебно на симпатизерите на ДУИ и тоа е мал недосток на процесот затоа што дел од граѓаните не го оставриле своето право да гласаат.“
За Томислав Тунтев претседател на ОО СДСМ резулатите од првиот круг на претседателските избори го покажале моменталното расположение и мислење на граѓаните во однос на понудените политички опции. Но ни од далеку не ја покажале нивната слободна изразена волја. Задоволни сме што гласањето помина во мирна и достоинствена атмосфера. Но, останува горчливиот вкус и разочараност за случувањата во предизборниот период , кажа Тунтев.
„ Нивото на демократија или оценка дека изборите се фер и демократски не се однесуваат само на денот на гласањето, туку на целокупниот изборен процес од денот на распишување на изборите. Секоја закана, уцена и притисок кои континуирано беа преземани од власта во државната и јавната администрација и врз ранливата категорија на граѓани го сторија своето и влијаеа врз засегнатите граѓани. Искрено жалиме што граѓаните беа заплашувани и манипулирани и не најдоа одважност да се спротивстават на изнудените и купени гласови.“
И двајцата претседатели на општинските организации на двете големи политички партии се надеваат на успех во претсојната политичка борба на претседателските и вонредните парламентарни избори кои ќе се одржат на 27 април.
{loadposition content9}