Skip to main content

„СУП преку граница“- симболично преминување на границата на суп даски испрати порака за соработка и заедничка грижа за Охридското Езеро

Второто издание на „Со СУП преку граница“ покажа дека спортот може да биде силен мост за соработка, а Охридското Езеро е заедничко богатство кое ги поврзува луѓето без оглед на државните граници.
 |  инфодеск  | 

Охридското Езеро и годинава беше место на несекојдневен спортски настан кој ги поврза двете држави и љубителите на водените спортови. На 26 и 27 август се одржа второто издание на „Со СУП преку граница“, маратонско СУП-веслање во должина од 30 километри, организирано од СУП Клуб Охрид, како дел од програмата на Ohrid Water Fest.

По успешното прво прекугранично веслање минатата година, и ова издание понуди спортски предизвик, но и силна симболика a тоа е преминување на државната граница со СУП-даски и поврзување на македонскиот и албанскиот брег на Охридското Езеро.

Во дводневното веслање учествуваа 30 веслачи, а активностите се реализираа со институционална поддршка од двете држави.

Првиот ден учесниците ја поминаа релацијата Калишта – Лин, со што веслањето го доби својот прекуграничен карактер и ја поврза македонската со албанската страна на езерото.

Вториот ден, веслачите се движеа по релацијата Љубаништа – Лагадин, продолжувајќи го спортскиот предизвик и промовирајќи го Охридското Езеро како простор за активен туризам и рекреација.

Централниот момент на настанот беше симболичното преминување на границата меѓу Македонија и Албанија со даски за стоечко веслање. Пораката од овој чин е јасна, езерото не треба да биде граница што разделува, туку заеднички простор што поврзува.

„Со СУП преку граница“ има поширока цел од самото спортско веслање. Настанот испраќа порака за прекугранична соработка, заедничка грижа за Охридското Езеро како природно наследство и развој на одржлив и активен туризам на двата брега.

Токму оваа идеја е во основата и на Ohrid Water Fest, манифестација посветена на Охридското Езеро и водата како заеднички ресурс. Преку спортски, еколошки и културни активности, фестивалот ја поврзува локалната заедница со посетители и учесници од регионот, истовремено подигајќи ја свеста за потребата од заштита и зачувување на езерото.