Супер пресметка на РК Охрид 2013 пред решавачките натпревари за излез во Европа
Охридските гладијатори во супер атрактивен дуел со вториот најсилен тим во ракометната Супер лига. Ракометарите велат дека ова е натпревар за подигнување на самодовербата на играчите и покажување во најдобро светло пред охридската публика.
Супер интересен дуел за публика и подигнување на моралот кај нашите ракометари. Утре во терминот од 18 часот со салата “Билјанини Извори”, РК Охрид 2013 во дуел со втората најсилна екипа во ракометната Супер лига, екипата на Металург. Воедно ова е првиот натпревар во кој тренерот на Металург, хрватскиот стратег Лино Червар ќе го игра во двојна улога, по неодамнешното назначување за селектор на македонската ракометна репрезентација. Ова според голманот на РК Охрид 2013, Благојче Трајкоски е мотив повеќе и можност за докажување па можеби и од нашиот тим да излезе некој репрезентативец.
“Металург е моментално втора екипа во Македонија после Вардар, овој натпревар за нас е пред се за самодоверба, да покажеме што можеме пред нашата публика. Во Автокоманда изигравме реално лош натпревар, се надеваме дека нема да се повтори, изгубивме пет разлика чинам. Ако го дадеме максимумот, знаејќи го капацитетот на нашите играчи, верувам дека ќе биде тежок, неизвесен натпревар до крај. Дека Металург ќе се намачи со нас, па се надеваме на чудо, зошто да не. Во спортот се случуваат чуда, можеби бод, можеби три, а и ако изгубиме не е крај на свет бидејќи ни претстојат три многу значајни натпревари.”-рече Трајкоски.
Иако очекувањата беа дека досега ќе биде обезбеден пласманот односно излезот во европските ракометни купови, сепак по поразот од Струмица на домашен терен и особено Прилеп, нашите ракометари европската карта ќе ја букираат во последните четири натпревари против екипите на Металург, Струмица, Прилеп и Работнички за крај.
“Нема лесен противник, лесен противник се надевавме на сигурна победа против Струмица па ете ни се врати како камен по своја глава, изгубивме од Струмица, одигравме најлош натпревар во цела сезона, се надевам дека нема да се повтори, и познавајќи ги нашите играчи, познавајќи ги играчите од Струмица, сме поквалитетни и се надевам дека во Струмица одиме на победа, со таа победа, 90% ја завршуваме работата, ни останува само да изиграме против Прилеп на домашен терен, во Прилеп изгубивме после четири последователни победи, изгубивме во еден од позначајните мечеви кој требаше да го добиеме за да не се мачиме сега на крај, но спортот е таков, најдобро во целата ситуација е што сами си ја решаваме ситуацијата, не чекаме друг да ни ја реши.”-вели Трајкоски.
Трајкоски вели дека иако тренерот Андоноски е тој кој ја одредува тактиката за натпреварите, сепак смета дека менталитетот на екипата е таков да не тактизираат на ниту еден натпревар туку и утре да го дадат својот максимум против Металург иако одлучувачките натпревари ги играат наредната недела. Додава дека шансите за пласман во Европа се големи и дека очекуваат пласман или на третото или на четвртото место од македонската ракометна Супер лига што ќе значи и европски ракомет за РК Охрид 2013. Инаку мечот против Металург се игра утре во салата “Билјанини Извори” со почеток од 18 часот, а билетот чини 50 денари.