Во „Св. Софија“ во Охрид свечена културна манифестација во чест на Св. Кирил и Методиј

Во црквата Св. Софија во Охрид, во недела на 24 мај 2026 година, со почеток во 19 часот, по 12-ти пат традиционално ќе се одржи свечената културна манифестација посветена на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
Настанот ќе започне со воведна беседа за животот и делото на светите браќа, која ќе ја одржи Димитар Пандев.
Во продолжение ќе следуваат музички настапи на ученици од ОМУ „Методи Патче“, под уметничко раководство на Даниел Чуркоски и Елица Рашкова. На крајот од програмата ќе настапи пијанистката Викторија Митеска-Малезан.
Во рамки на вечерта ќе бидат изведени дела од композиторите Јохан Себастијан Бах, Петар Илич Чајковски, Фредерик Шопен, Роберт Шуман, Хенрик Виењавски и други.
Манифестацијата е поддржана од Охридско-Кичевска Епархија, Министерство за култура и туризам, Општина Охрид и НУ Охридско Лето.
Влезот за посетителите е слободен.







