Свечен прв академски час на ФТУ Охрид
46-тата генерација студенти на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид денеска со свечен час ја започна академската 2024/2025 година. Добредојде на бруцошите на првиот академски час им посакаа продеканот за настава на ФТУ, Проф. д-р Бранко Николовски и проректорот за настава на УКЛО, Проф. д-р Цветко Андреески.
Во услови кога драматично опаѓа интересот кај студентите за школување на домашните државни факултети каде бројот на студенти постојано се намалува во последните десет години, проректорот Андреески сподели добра вест.
„Оваа година имаме поголем број на студенти во однос на претходната година што е навистина добар знак, со оглед на тоа што е намален бројот на матуранти за 5% во однос на минатата година. Очекуваме многу од оваа нова генерација, и од ситепредходни. Нашиот Универзитет е дел од Универзитетската алијанса „Колорс“, Европската Универзитетска алијанса која што им дава дополнителни можности на нашите студенти за соработка со нивни колеги, за мобилност во странство, за учество во проекти и се тоа што значи подобар и поквалитетен студентски живот и се разбира повисоко ниво на настава и знаење.“ – изјави Цветко Андреески, проректор за настава на УКЛО Битола.
Факултетот за туризам и гостителство во Охрид ги има сите потребни ресурси за успешено студирање. Студентите ја имаат сета потребна литература, професорскиот и асистенскиот кадар им стои на располагање во текот на наставата, во рамки на предавањата, на приемни денови како и преку е-маил комуникација во секое време, а на студентите се трудиме да им го олесниме и организацискиот дел на нивното студирање, вели продеканот за настава Бранко Николовски.
„На нашиот Факултет дипломата што ја добиваат студентите е меѓународно призната, која е применлива во целиот европски образовен простор со оглед на тоа што го имаме целосно имплементирано европскиот кредит трансфер систем. Студентите во текот на студиите имаа можност да се вклучат во меѓународни програми како Еразмис+ програмата во рамки на ЕУ, Ц+ програмата, но им нудиме и задолжителна пракса во текот на нивните студии со оглед на тоа што треба да бидат подготвени да се вклучат веднаш по дипломирањето во раките на стопанството.“ – изјави Бранко Николовски, продекан за настава на ФТУ Охрид.
Факултетот за туризам и гостителство во Охрид е една од 11-те единици на УКЛО во Битола и е најстара институција од образованието во Република Македонија од областа на туризам, угостителство, царина и шпедиција, осигурување и менаџмент во услужниот сектор.