Со пригодна свеченост, денес се одбележа 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ во втората светска војна. Пред присутните граѓани се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.
– Најзначајниот период во милениумското битисување на Македонскиот народ е неговото учество во четиригодишната народно-ослободителна епопеја во Втората светска војна, после која се поставени темелите на новата Македонска држава и се исполни сонот на многу генерации за создавање сопствена држава. Денес, Охрид и Македонија го одбележуваат празникот на македонскиот непокор. Во сите периоди на своето опстојување, Охрид бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ, испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и неспорниот придонес во градењето на светската цивилизација. Во својот повеќе децениски слободарскиот од, градот доживува континуиран национален, социјален, културен и научен развој кои го продолжуваат неговиот сјај на културна и духовна метропола на македонскиот народ и воопшто на Сесловенскиот свет. Затоа овие датуми се неизбришливи и инспиративни за генерациите кои доаѓаат. Почитувани присутни, нека ни е честит и долговечен 11 Октомври, симболот на непокорот на македонскиот народ – истакна Пецаков.
Во името на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца, пред присутните се обрати претседателот на организацијата Гоце Георгиески, кој хронолошки потсети на најзначајните моменти од Народно ослободителната борба и херојството на македонските партизани.
Програмата беше збогатена со уметнички перфоманс на учениците од основните училишта „Св. Наум Охридски“ и „Ванчо Николески“ и гимназијата „Св.Климент Охридски“.