Skip to main content

Свечено врачена наградата за најдобра поема на лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски

На свеченост што денес се одржа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ беше врачена наградата за најдобра поема на поетот Славе Ѓорѓо Димоски за поемата „Денес“, а во рамки на Прличевите Беседи. Наградата што го носи името на Григор Прличев е за мене исклучително значајна затоа што моето литературно зреење е силно врзано за Прличев, кажа лауреатот Ѓорѓо Димоски.
 |  Маја Савиќ  | 

Свечено врачена наградата за најдобра поема на лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски за поемата „Денес“,  во рамки на чествувањето наголемиот охридски и македонски поет и преродбеник Григор Прличев. Во поемата, чие дејство е врамено во 2022 година,  се трага по личен, човечки и државен идентитет, ќе каже авторот Ѓорѓо Димоски, кој е добитник на многу нагарди, но оваа, вели, има посебно значење.

„Оваа награда за мене е многу значајна бидејќи моето литературно зреење е врзано со Прличев. Уште како ученик ја прочитав Автобиографијата и оттогаш сум цврсто врзан за Прличев. А и неколку пати сум се навраќал  на темата на Прличев во мојата поезија, исто така сум ја превел Автобиографијата и адаптирал од оригиналниот  текст објавен 1895 година во Софија.“ – изјави лауреатот  Ѓорѓо Димоски .

Наградата што се доделува во чест на Прличев покрај тоа што ги истакнува високите вредности на културата, исто така докажува дека македонскиот народ секогаш ќе има творци коишто ќе го зачуваат нашиот културен идентитет, истакна во своето обраќање заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски.

„Продолжувајќи ги востановените Прличеви традиции за пишување на жанрот поема Ѓорѓо Димоски уште еднаш потврди дека сите ние сме чеда  на Прличев како еден од најголемите интелектуалци и преродбеници врз чиј труд се гради сето она што е духовно и креативно  во Охрид. Секое време раѓа свој Прличев. Годинашниот и многуте лауреати пред него се доказ за тоа. Тие се тие кои го обмислуваат новото време кои ја раскажуваат нашата жива автентичност во современиот свет.“ – кажа Божиновски.

Уште од својата прва објава пред 40 години, кога на 20 годишна возраст, на книжевната јавност и се претстави со стихозбирката Гравири, свежината, ненаметливоста и чистотата на поетскиот ракопис на неговиот првенец , Славе Ѓорѓо Димоски ја негува и одржува до денес, истакна Претседателот на Жири комисијата,  Милован Стефановски, кој пред присутните ја претстави наградената поема.

Поемата „Денес“ уште на стартот се издвои по својот урбан, современ пристап, тематика, како концепциски доследно осмислено и  кохерентно поставено пеење. Поемата нуди своевиден пресек на актуелните состојби во светот, со приемчиво обликувана експресија, на места и со признаци на духовит квалитет што е прилично редок и неочекувам во науката. Поемата остварува драгоцени проникнувања и созвучја со современоста, дискретно актуелизирајќи повеќе топоси, како постхуманизмот, миграциите, епидемиите и тековните војни на екраните. “ – кажа Стефановски.

Како во времето на Прличев, преку пишувањето на Сердарот и сега ова ново време  за кое пишува  Славе Ѓорѓо Димоски во поемата „Денес“, можиме да заклучиме дека, за жал, и тогаш и сега премрежијата на Македонците биле неизбежни, кажа во обраќањетоЗоран Пејкоски,  претставник од НУ Центар за култура „Григор Прличев“.

„ Славе Ѓорѓо Димоски преку поемата Денес , за која можеме да речеме дека е една агресивна, во наводници драма во модерната поезија или пеење, преку силниот епски јазик владее односот на бунтовното стилизирање кое ни ја дава сликата на денешното наше време , на времето што го живееме со сите премрежја, неизвесности и суровости, во кои некако сите сме изгубени.  И така оддалечени  едни од други , во кои нема повеќе емоции го покажуваме суровото лице на стварноста. – кажа  Пејкоски.

Поемата „Денес“  беше избрана за најдобра на конкурсот што секоја година го распишува центарот за култура „Григор Прличев“ во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“, со која се слави ликот и делото на големиот Прличев на годишнината од неговата смртта, кој се упокои на 6 февруари 1893 година.