Свеченост по повод 50 годишниот јубилеј на Печеларското здружение „Охрид“
Со пригодна свеченост што се одржа вчеравечер, Печеларското здружение „Охрид“ одбележа јубилеј од 50 години успешна работа.
Во името на Локалната самоуправа пред присутните се обрати секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.
– Дозволете ми да ве поздравам и да упатам најсрдечни честитки по повод златниот јубилеј, 50 години од основањето и успешното работење на Пчеларското здружение „Охрид“.
Во текот на изминатите пет децении, ова здружение има дадено голем продонес во развојот на земјоделството во нашиот регион, промовирајќи го значењето на пчеларството и производството на мед, како неизоставен дел од нашето секојдневие.
Пчеларството не е само земјоделска гранка, туку е и важен столб на целиот екосистем, а пчелните производи се силна алка во исхраната на човекот и заштитата од болести.
Пчеларското здружение преку своите членови и искусни лица овозможува ресурси и знаење кои создаваат поволни услови за одржливо пчеларство, одгледување на здрави пчели и производство на висококвалитетен мед.
Во оваа прилика, сакам да упатам признание и благодарност до основачите на здружението и сите активни членови, кои го одржуваат и градат, ги следат современите трендови и го позиционираат Охрид на мапата на успешни пчеларски региони. Верувам дека и во иднина ова здружение ќе продолжи да работи посветно во доменот на заштита на пчеларството и унапредување на оваа значајна дејност.
Локалната самоуправа секогаш е насочена кон вреднување на успешните приказни и во рамки на нашите ингеренции, ќе бидеме отворени за соработка и поддршка на вашите програми и активности.
Почитувани, пчелите не зборуваат, но нивниот труд говори повеќе од било кој збор. Покрај тоа што го заслужуваат целиот наш восхит, тие можат да ни бидат пример, како треба да живееме и ние, како човечки суштества, а тоа е со многу љубов, упорност и посветеност кон заедничкото добро.
Уште еднаш, во мое име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков Ви го честитам 50 годишниот јубилеј и ви посакувам успешна работење, плодни сезони и безброј кошници мед, истакна Китески во своето обраќање.
На пригодната свеченост која се одржа во Големата сала на Општина Охрид свое обраќање имаше и претседателот на здружението Наум Трпчески.