Skip to main content

Света Софија – мајка на сите цркви

Катедралната црква Света Софија во Охрид е еден од најрепрезентативните споменици на културата во Македонија која била повеќевековно седиште на Охридската архиепископија.Таа е препознатлива по својата архитектура и уникатниот фрескоживопис од 11-ти до средина на 14-ти век. Но за историчарите е значаен и епитетот кој оваа црква го добила од охриѓани како мајка заштитничка и мајка на сите цркви.
 |  инфодеск  | 

Катедралната црква Света Софија претставува една од најзначајните знаменитости во Македонија со нејзината средновековна архитектура и фрескоживопис. Како една од најголемите средновековни цркви на овие простори долг временски период била соборна црква на Охридската архиепископија. Од времето на изградбата, кое не може точно да се утврди, бидејќи не е зачуван ниту еден запис што би упатувал на тоа, до денес црквата со своето духовно значење обвиткана е и со мистични елементи кои ги интригираат научните експерти, историчари на уметноста и археолози.

„ Од тој период па се до ден денес има огромно културно историско значење не само религиски туку и од доменот на секојдневното живеење на охриѓани. Тоа јас како хроничар и како историчар на градот Охрид го согледувам и особено ме интригира онај епитет „мајка на црквите“ кој меѓу охриѓани може да се слушне како еден значаен епитет. Долго време се истражуваше зошто е тоа така и дури и ден денес не можеме да го одгатнеме вистинскиот одговор меѓутоа со сигурност може да прикажеме одредени усмени сведоштва кои старите охриѓани ги пренесувале од колено на колено.“ – вели Никола Митровиќ Бабе – историчар и хроничар на Охрид.

За денешната црква се споменува дека била обновена за време на архиепископот Лав, кој станал ктитор на живописот на Света Софија кој е врвот на византиското фрескосликарство. Во втората половина на XV век црквата била претворена во џамија и тогаш сите фрески биле покриени со вар од Османлиите, куполата на црквата била струшена, а над неа се издигнале минариња.

„ Меѓутоа се уште охриѓани верувале во овој храм. Иако тој бил муслимански храм, знаејќи дека фреските биле покриени со вар. За охриѓани тоа биле фрески кои живот значеле, кои значеле духовност. Секогаш поминувајќи покрај оваа црква иако претворена во џамија тивко ги изразувале молитвите и верувале дека токму еден ден ќе се врати вистинскиот израз на оваа мајка црква и ќе биде повторно црква што и се случило.“ – вели Митровиќ.

foto: Ѓоко Симјаноски

Во хиерархијата оваа црква е високо издигната покрај нејзината содржина и изглед како катедрална црква и поради епитетот и верувањето кај народот во нејзината заштитничка моќ.

„ Оваа црква била седиште на одредени обреди кои ги правеле охриѓани. Замислете во овој дел на градот иако се наѓаме во стариот дел именуван како Варош, сите околу викале живееме покрај Св Софија, покрај мајката Св Софија што некаде кај граѓаните, жителите, му давало огромно значење на таа духовна истрајност, а да речам во периодот помеѓу Балканските војни дури на некој начин била и скривалиште на оружја, на луѓе охриѓани кои биле гонети од една или друга власт. Така, на некој начин, оваа црква има и заштитничка улога како мајкина грижа за сите околу неа, меѓутоа тоа се рефлектиралои низ цела Македонија и пошироко и затоа меѓу охриѓани го има тој епитет.“ посочува Митровиќ.

Веднаш по Втората светска војна започнале обемни конзерваторски и архитектонски зафати за рехабилитација на црквата и нејзина заштита. Покрај нејзиното значење како историска знаменитост и религиозен објект , денеска внатрешноста на црквата и нејзиниот двор и колонада претставуваат важно место за одржување на културни настани, театарски претстави и концерти.