Светна новогодишната елка во Охрид
Светна новогодишната елка на градскиот плоштад, чин со кој Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и официјално го означи почетокот на новогодишните празнувања во нашиот град.
Светна новогодишната елка на градскиот плоштад , чин со кој Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и официјално го означи почетокот на новогодишните празнувања во нашиот град.
Никогаш досега на градскиот плоштад немало толку многу помошници на Дедо Мраз. Стотина дечиња од градинката Јасна Ристеска и младите танчери од студиото за танци „Соната“ со своите песни и танци го најавија доаѓањето на Новата Година. Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески информираше дека годинава празнувањата ќе започнат на 22-ри декември, а во десетдневната програма ќе има содржини со кои општината ќе се обиде да излезе во пресрет на сите вкусови.
„Со ова симболично вклучување на новогодишната елка конечно почнуваме со скоро десетдневната програма која ќе ви ја приредиме овде на градскиот плоштад во Охрид исто како и минатата година за сите охриѓани од најмала возраст па се до највозрасните. Подготвивме една културно-забавна програма кој се надевам дека на сите вас ќе ви се допадне и ќе ви приреди многу ведри моменти весело расположение и секако забава и рекреација“, се обрати Градоначалникот на Охрид.
Бакрачески информира дека охриѓанецот Петар Нечоски и охридскиот бенд Камелеон ќе ја загреваат атмосферата за новогодишната ноќ во Охрид, а Новата година на охриѓани и сите останати гости ќе им ја честита Владо Јанески.
Забавата нема тука да застане, рече Бакрачески, следуваат василичарските празнувања и огнови, а локалната и годинава ќе ги подржи сите маалски собирања и дружење за Василица. Богатството од овие празнувања ќе биде заокружено со четиридневната прослава на големиот христијански празник „Богојавление – Водици“, за кога е и најавен концертот на македонската поп ѕвезда Каролина Гочева.
Ни охриѓани ни гостите во нашиов град, не останаа имуни на убавината со која блесна нашиов град во пресрет на новогодишните и божиќните празници, што е причина повеќе и охриѓани и гостите да излезат на градскиот плоштад и да уживаат во прекрасниот новогодишен амбиент.
„Всушност се е навистина прекрасно. Видовме од студентскиот дом каде што сме сместени и решивме да дојдеме да видиме што се случува и како изгледа и навистина многу е убаво. Навистина овој период од годината во Охрид бил прекрасен“.
„Како што рече другар ми видовме од нашата соба и решивме да видиме што се случува тука и не зажаливме. Навистина било прекрасно.
Одлично, поготово плоштадот е така украсен со елки и други реквизити претставува како велеградско градче“, изјавија посетителите на градскиот плоштад.
{loadposition content9}