Skip to main content

Светски ден без тутун

Децата и младите се новата мета на тутунската индустрија

Децата и младите и растечкиот тренд на користење на електронските цигари, во фокусот на годинешната глобална кампања за борба против пушењето.
 |  инфодеск  | 

31-ви мај се одбележува како Светски ден без тутун. Оваа година глобалната кампања на СЗО има за цел да ја подигне јавната свест за новата мета на тутунската индустрија, децата и младите. Тутунската индустрија се обидува да го продаде истиот никотин на нашите деца, само во различно модерно пакување, со привлечен дизајн и различни вкусови и мириси злоупотребувајќи ја нивната љубопитност, вели д-р Даниела Чингоска, Спец. по социјална медицина и јавно здравје од ЦЈЗ Охрид.  Ни се заканува нова епидемија на никотинска зависност во друга модерна можеби и поопасна форма, а која се промовира како побезбедна од конвенционалните цигари, посочува д-р Чингоска.


Во европскиот регион на СЗО, електронските цигари ги надминаа конвенционалните цигари во популарност, при што 32% од анкетираните 15-годишници пријавиле употреба на е-цигари во одреден момент.

„Додека самата тутунска индустрија пропагира нови производи за кои тврди дека се безбедни, така нашите млади се навлекуваат на тие производи, стануваат зависни од нив, а притоа сметаат дека тоа е безбедна замена за конвенционалната цигара, дека прават нешто безопасно. Доказите покажуваат дека тоа воопшто не е така односно имаме истражувања кои покажуваат дека во составот на електронската цигара , дали ќе има или не никотин, секако има токсични супстанции кои делуваат штетно врз организмот на луѓето. Има пропилен гликол којшто се загрева приштио се ослободува формалдехид и други токсични материи кои се познати канцерогени, ризикфактори за оштетување на срцето, на белите дробови.“ – вели д-р Чингоска.

Затоа електронските цигари треба да бидат во фокусот на оваа кампања за да ги заштитиме нашите деца, младите од манипулациите на тутунската индустрија, вели д-р Чингоска. Препораките на СЗО вклучуваат создавање 100% затворени јавни места без чад, забрана на е-цигари со вкус, забрани за маркетинг, рекламирање и промоција, повисоки даноци, зголемување на јавната свест за манипулативните тактики што ги користи индустријата. Секоја држава треба да делува и да го заштити здравјето на својот народ. Македонија е потписник на Рамковна Конвенција за контрола на тутунот на СЗО со воспоставени моќни глобални здравствени алатки MPOWER, кои треба да ги спроведуваат сите земјји кои ја ратификувале конвенцијата, а се однесуваат на намалување на преваленцата на пушачи во населението.

„Македонија е една од земјите потписнички меѓутоа во однос на напредокот затајува. Но не значи дека тоа не може да го промениме. Се е во рацете на власта. Значи ако се воспостави една рамка од Влада со законска регулатива којашто ќе биде спроведена и испочитувана, во тој случај сите ние останатите, сакале или не, мораме да се вклопиме. А до тогаш тука сме ние како јавно здравство што ќе зборуваме цело време, ќе се обидуваме да ја подигнеме свеста посебно кај младите. Сите треба да тргнеме од себе. Ние како родители прво, да ги отвориме очите, да зборуваме со нашите деца, понатаму како професионалци, како општествено одговорни граѓани, како креатори на политики. Значи сите ние можеме да направиме повеќе. Иако тутунската индустрија е моќна, ние сите заедно сме помоќни од нив.“– порачува д-р Чингоска.

Центарот за јавно здравје Охрид во рамки на камапњата организира едукативни предавања за учениците во охридските училишта со цел да им ги предочи ризиците по здравјето од зависноста од никотин. Инаку, во Центарот од 2014та година функционира Советувалиште за откажување од пушење кое треба да се зајакне со кадар бидејќи во моментов на таа проблематика работат само еден доктор по социјана медицина и една медицинска сестра.

Евелина Арнаудова