Светскиот рекордер во длабинско нуркање Ахмед Габр од Египет ги посети Охрид и НЦ Амфора
Светскиот рекордер во длабинско нуркање Ахмед Габр од Египет го посети нуркачкиот центар Амфора од Охрид. Габр во 2014 година сруши 2 светски рекорди во најдлабоко нуркање (машки) и најдлабоко нуркање во море. Придружуван од неговиот тим за поддршка од 30 разновидни експерти за нуркање, техничари и лекари тој се спушти на длабочина од 332,35 метри во Дахаб на Црвено море. Нуркањето траело 13 часа и 50 минути, од кои за да се спушти во длабочините биле потребни само 14 минути, а вистинските предизвици се поврзани со долгото враќање на површината.

– Нуркањето е поврзано со низа предизвици, одењето во длабочина и враќањето на површината, тоа вкупно е 650 метри и има разни психолошки проблеми, како конфузија, па дури и халуцинации. Најважно е што го тренирав мозокот да остане фокусиран и остар за време на нуркањето. Користев тримикс, мешавина од три гасови , хелиум, азот и кислород во соодветен сооднос. Интересно беше тоа што околу шест часа во текот на нуркањето бев следен од ајкула, – кажува Габр.
Доаѓањето на Ахмед во Охрид, на најстарото езеро во Европа е на иницијатива на охриѓанката Симона Трповска која го држи македонскиот и балканскиот рекорд во длабинско нуркање за жени. Посетата на Габр на НЦ Амфора беше искористена за размена на искуства, но и договор околу идна соработка.

„Оваа средба не е само да ни каже и да не подучи во одреден дел на длабински нуркања, туку ова е почеток на една плодна соработка. Toj e во Хургада, Египет. Планираме да одиме следната година кај него на нуркање, се надевам дека технички нуркачи и нуркачи кои одат на големи длабочини ќе почнат заедно со Симона да доаѓаат овде на длабински нуркања“ – изјави Милутин Секулоски Миќо – Нуркачки центар „Амфора“.
„Би сакала да му се заблагодарам,бидејќи ми помогна да ги надминам и моите лимити и навистина голема благодарност што ме посети и што ме тренираше. Мислам дека и мојот подвиг успева да го направам благодарение на него “ – изјави Симона Трповска – Балканска рекордерка во длабинско нуркање


Светскиот рекордер во длабинско нуркање кажа дека од Охрид ќе понесе импресивни впечатоци и од убавината на градот и езерото и од нуркачкиот центар.
„ Нуркачкиот центар е многу добро опремен, прв пат сум во Македонија и тоа што го видов овде е навистина импресивно. Планот ми е да се дојдам повторно и да направам подвиг во длабинско нуркање во Охридското езеро, не сум сигурен дали до дното на најголемата длабочина, но тоа ми е планот Дефинитивно ќе дојдам пак за длабински нуркања и ќе го направам тоа, но прво малку ќе истражувам. Вашата земја е многу убава.“ – рече Ахмед.

Ахмед Габр е 42-годишен поранешен офицер од египетската армија кој својата кариера ја продолжил во американската армија каде што завршил обука за борбени нуркачи и станува единствен сертифициран борбен нуркач на Блискиот Исток. Својата кариера како нуркач ја започнал на 18-годишна возраст, нуркајќи за задоволство, а подоцна решил да се стекне со обука за инструктор за нуркање.