Skip to main content

СВР Охрид со кампања „Безбедно на педалинки“

Од полицијата потенцираат дека целта на кампањата е да се подигне нивото на безбедност и да се спречат несреќи на вода во екот на туристичката сезона.
 |  инфодеск  | 

Со цел зголемување на безбедноста на вода во текот на летната туристичка сезона, Одделението за превенција при СВР Охрид ја започна превентивната кампања „Безбедно на педалинки“.

Во рамки на активностите, полициски службеници од Одделението за превенција остваруваат интензивна комуникација со лицата кои на плажите долж охридското крајбрежје издаваат педалинки за рекреативна намена. Притоа, тие укажуваат на потребата од поголема внимателност и одговорност при нивното изнајмување на туристите.

Особен акцент се става на задолжителната проверка на техничката исправност на педалинката пред секое издавање, обезбедување соодветна безбедносна опрема, како и исправни спасувачки елеци со соодветна големина за секој корисник. Издавачите треба да обезбедат и спасувачки елеци за деца, како и јаже или друга неопходна опрема за интервенција во итни случаи.

Од СВР Охрид апелираат издавачите постојано да го следат движењето на педалинките и, доколку забележат опасност, навремено да реагираат и да ги известат надлежните служби.

При секое изнајмување, корисниците треба да бидат запознаени со основните безбедносни правила: задолжително носење спасувачки елек, забрана за скокање или туркање од педалинките, забрана за управување под дејство на алкохол или психотропни супстанции, како и почитување на означените зони за пловидба.

Од полицијата потенцираат дека целта на кампањата е да се подигне нивото на безбедност и да се спречат несреќи на вода во екот на туристичката сезона.