СВР Охрид со засилени превентивни активности и контроли против нелегалната употреба на пиротехника пред празниците
СВР Охрид, во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, ги интензивира превентивните активности насочени пред се кон младата полулација, со цел, укажување на штетноста од нелегалната употреба на пиротехника и на можните опасности и последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства. Превентивните кампањи се реализираат со учениците од основните и средните училишта низ градот и приградските населби, низ интерактивна комуникација со учениците и со типизирани наменски предавања и видео презентации. Полициските службеници од отсекот за превенција, подетално ги запознаваа учениците со опасностите и последиците од незаконската употреба на петарди и други пиротехнички средства, посебно потенцираа дека сите пиротехнички средства се опасни бидејќи содржат експлозив и можат да предизвикаат тешки и трајни повреди и последици по здравјето, а истовремено ги запознаваа и со законските казнени мерки со кои може да се соочат околу недозволено поседување и користење на пиротехнички средства и петарди.
Деновиве, се интензивираат и контролите кон физичките и правните лица и при секое пронаоѓање на нелегална пиротехника, против нив ќе бидат преземени соодветни законски мерки и поднесени пријави за неовластена употреба на пиротехнички средства на јавно место, што претставува општа опасност со која се загрозува сигурноста на граѓаните.Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.
Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што: (1)Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.