Денеска во СВР Охрид, се одржа свеченост по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција. Безбедносната состојба е стабилна и поволна на подрачјето на СВР Охрид а своите работни задачи, на безбедносен план, полициските службеници ги извршуваат законски, крајно професионално, неселективно и посветено, истакна портпаролот на СВР Охрид, м-р Стефан Димоски кој во името на началникот на СВР Охрид, Игор Смилески, упати честитки до припадниците на СВР Охрид.
„СВР Охрид е легитимен фактор во одржувањето на безбедноста и во справувањето со безбедносните проблеми и предизвици, за заштита на личната сигурност на граѓаните и нивните материјални добра“, рече Димоски посочувајќи дека, во првите 4 месеци од оваа година, на
подрачјето на Охрид, регистрирани се 184 кривични дела што е намалување во однос на цела 2024 година, кога биле пријавени 240 кривични дела. Ефикасноста во расветлувањето на кривичните дела во првите 4 месеци од 2025 е 48 проценти а за цела измината 2024 била 51 процент. Од областа не економскиот криминалитет, поднесени се 28 кривични пријави во првиот квартал од 2025 а за цела 2024 имало 20 кривични пријави. Во областа на јавниот ред и мир, од почеток на годинава регистрирани се 56 прекршоци а во цела 2024 вкупно 110.
Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски, го честиташе денот на македонската полиција на сите полициски службеници на СВР Охрид и им порача дека, тие се суштински факторот за одржување на поволната состојба на безбедносен план во Охрид и дека само со професионална, етичка и неселективна полиција, ќе се зачува сигурноста на граѓаните и туристите во Охрид. Тој нагласи дека соработката на СВР Охрид со локалната самоуправа е одлична.

Димитрија Стојчески, пензионираниот милицаец од времето на СФРЈ, со милициска униформа и присуство, и даде посебен белег на свеченоста. Кратко тој им го честиташе 7 мај на неговите колеги полицајци, им посака добро здравје и успешна работа. По повод 7 мај – Денот на македонската полиција, во просториите не поранешната касарна во Охрид, свечен прием за припадниците на
охридската полиција, организираше организацијата на ветерани од безбедноста и одбраната од Охрид.

Денешните свечености, отпочнаа со едноминутен молк во знак на почит кон загинатите во кочанската трагедија, каде меѓу трагично загинатите, животот го загуби и еден полициски службеник.