Skip to main content

Талевска: Жолтиот локвањ е во опасност од исчезнување, но тоа сеуште со точност не може да се утврди

Жолтиот локвањ е во опасност од исчезнување, но тоа сеуште со точност не може да се утврди. Експертите од Хидробиолошкиот завод Охрид сметаат дека треба да се почека крајот на март, односно почеток на април времето кога се појавува локвањот за да може да се констатира состојбата на ова украсно водно растение

 |  Николоска Биљана  | 

Нискиот водостој на Охридскот Езеро го попречи појавувањето на жолтиот локвањ. Сеуште рано е да се зборува за целосно исчезнување на ова украсно водно растение кое пленува со својот прекрасен изглед посебно во периодот кога цути со жолт цвет, вели д-р Марина Талевска од Хидробиолошкиот завод во Охрид. Додава дека неколку фактори допринеле за намалување на површината каде што се протега локвањот, како што е раширувањето на трската но и зголеменото количество на отпадни материи кои се фрлаат во езерските води.

„Годинава пак случајот е малку поинаков. Со опаѓањето на нивото на Охридското Езеро се одрази и врз жолтиот локвањ, но постои шанса со зголемување на нивото на езрото изданоците на локвањот да се појават со оглед на тоа што кореновиот систем на локвањот е повеќегодишен и опстојува така хоризонтално поставен во милта и со тек на време при поволни услови од него се развиваат изданоци“

Македонското лимнолошко друштво, жолтиот локвањ од неговото моментално единствено природно живеалиште Калишта струшко, на охридскиот крајбрежен дел на Мазија пред хотелот Милениум го пренесе пред 10 години, нагласува Талевска. Дополнува дека треба да се почека уште малку за да може со сигурност да ја констатираат состојбата со локвањот.

„Локвањот се појавува при крајот на март почетокот на април така да треба да почекаме и да видиме дали сеуште опстојува или е исчезнат и од ова подрачје каде што беше повторно ревитализиран

Една од карактеристиките за жолтиот локвањ е дека вирее во чиста вода. Исто така некои негови органи се користат и за лекување на некои заболувања вели Талевска. Таа кажа да жолтиот локвањ пред 40 години на ова подрачје го имало во изобилие што за жал денес тоа не е случај. Талевска не губи надеж дека сепак и оваа година во времето кога се појавува локвањот ќе ѕирне од езерската вода кај Мазија.