Танасоски: Охрид ги трпи последиците од 4 годишното владеење на ВМРО – ДПМНЕ
Вчерашниот неколку часовен прекин на водоснабдувањето во Охрид и Струга ги разгори политичките страсти. Охридските социјалдемократи на денешната прес конференција обвинија дека проблемите со МЈП „Проаква“се резултат на расипничкото работење на директорот Томе Паскалоски, кој во услови кога претпријатието се соочува со големи долгови си ја зголемил платата за 10 000 ден.
Во 21 век за жал на Охрид и тоа му се случи, охриѓани да живеат покрај вода, а да останат без вода за пиење, обвинија охридските социјалдемократи, на пресот кој го одржаа пред општинскта зграда. Ѓоко Танасоски истакна дека нашиот град, за прв пат остана без вода за пиење, од осамостојувањето до денес. Како причина за тоа ги посочи последиците на 4 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ на чело со градоначалникот Никола Бакрачески.
„Ова е уште една потврда дека на ВМРО-ДПМНЕ граѓаните не му се важни. Во Охрид условите за живот никогаш не биле полоши. Сето ова е резултат на расипничкото и недомаќинско работење на директорт на МЈП Проаква и послушник на Никола Груевски, Томе Паскалоски. Општина Охрид се повеќе се задолжува за што јасно говорат и последните извештаи на јавните претпријатија. Во Охрид ветените проекти останаа нереализирани“.
Танасоски забележува дека додека ЈП работи со загуба од над 500.000 евра, директорот си ја зголемил платата за 10.000 денари. Додаде дека треба да се стопира недоговорното и криминално однесување, на кое му се надзирал крајот, бидејќи по демократските промени сите јавни претпријатија ќе подлежеле на финансиска анализа и секој кој го крши законот ќе одговара. Во врска со обвинувањата дека проблемите во Проаква влечат корени од 8 годишното владеење токму на СДСМ, Танасоски дециден, дека долгот датира од поодамна, но не од претходниот менаџмент на претпријатието.,
„Сведоци сме, барем ние што подолго време се занимаваме со политика дека ова задолжување на Проаква е настанато уште од порано кога на власт беше тогашната гарнитура од 2001 на ВМРО – ДПМНЕ. Се сеќавате дека тогаш имаше задолжувања со многу високи камати и сето тоа е провлекувано низ годините и донесе до оваа состојба. СДСМ понуди едно решение, со поделба на претпријатието на Водовод Охрид и Водовод Струга и колекторот да биде переземен од државата. Сметаме дека тоа е одржливо и мора да се направи“.
Танасоски потенцира дека СДСМ има решенија како јавните претпријатија во Охрид да не бидат повеќе загубари и како сите вработени во овие претпријатија да останат на работа и редовно да земаат плата, а граѓаните да добиваат навремени и квалитетни услуги.