Тажен и непосакуван крај на потрагата по 14 годишната Маја Блажеска од Лешани
14 годишната Маја Блажеска, од Лешани измрзнала во планинскиот предел над Велмеј. Ова денеска го обелодени СВР Охрид. Обдукцискиот наод покажал дека врз телото немало траги на насилство и најверојатно причина за нејзината смрт е хипотермија како резултат на долготрајна изложеност на екстремно ниски температури.
Тажен и најнепосакуван крај на потрагата по 14 годишната Маја Блажеска од Лешани. СВР денес и официјално потврди дека мртвото женско тело кое беше пронајдено во текот на вчерашниот ден во месноста Натнасер бачила во атарот на Велмеј е на Маја. Обдукцијата покажала дека на телото немало траги на насилство, изјави портпаролот Стефан Димоски.
„Од досегашните информации со кои што располагаме од обдукцискиот наод најверојатно причината е хипотермија односно губење на телесната топлина како резултат на подолготрајна изложеност на екстремно ниски температурри кои што владееле на тоа подрачје. Се работи за висок планински предел на надморска висина од околу 1500 метри“ – изјави Димоски.
Сеуште останува нејасно како малолетничката се нашла на тој висок планински предел, како и времето кога настапила нејзината смрт. Димоски категоричен дека истрагата сеуште трае и до нејзино дорасветлување треба да се согледаат уште околности.
„Тука нашите активности не завршуваат ние ќе треба комплетно уште неколку аспекти од овој настан да ги дорасветлиме и според првичните сознанија што ги имавме тоа всушност ние и го објавувавеме и потврдувавме сознанија и информации дека малолетното лице имала одредени контакти и запознавање со дечко од Скопје, ние таквите информации ги потврдувавме. Што всушност се случило дополнително ќе треба да се утврдат тие моменти и да се даде конечен епилог на целиот настан“– рече портпаролот.
Имено, според текот на настаните, Маја два пати избегала од дома, првиот пат во октомври минатата година наводно поради момче кое го запознала преку социјалната мрежа Фејсбук, но полицијата ја пронајде и ја врати дома. Неколку недели подоцна Маја пак побегна од дома и тогаш беше распишана меѓународна потерница преку Интерпол. Нејзините родители кои исчезнувањето го пријавиле на 12 ноември минатата година, бараа помош од сите надлежни институции, но за жал Маја овој пат не се врати дома.
{loadposition content9}