Skip to main content

Медиумска писменост

Технолошки камп за справување со дезинформации и лажни вести на ФТУ

Споделување најдобри практики за медиумска писменост во образованието, препознавање и справување со дезинформациите и лажните вести, како и стекнување основи по прашањето на сајбер-безбедноста, се главните теми на Технолошкиот камп, што во организација на Центарот за иновации и дигитална едукација ДИГ-ЕД од Скопје, Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје и тимот на „TechCamp на“ на Стејт департментот на САД, деновиве се одржува во Охрид.
 |  Голабовски Крсте  | 
Технолошки камп

Четириесет наставници и осум ментори од САД, Обединетото Кралство, Грузија и од земјава, деновиве во Охрид, учествуваат на  Технолошкиот камп, во организација на Центарот за иновации и дигитална едукација ДИГ-ЕД од Скопје, Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје и тимот на „TechCamp на“ на Стејт департментот на САД. Тие деновиве споделуваат најдобри практики за медиумска писменост во образованието, препознавање и справување со дезинформациите и лажните вести, како и стекнување основи по прашањето на сајбер-безбедноста и како овие знааења да се имплементираат во процесот на образованието. Џесика Меккју, постар програмски менаџер на тренинг-кампот  истакна дека еден од најдобрите начини за справување со дезинформациите е луѓето да развијат вештини за нивно препознавање и стекнување медиумска писменост.

„На нашите обуки работиме на зајакнување лични вештини и капацитети, преку тренинг сесии наставниците да се запознаат со самата обука. Следуваат вежби и процес на препознавање на предизвиците, како и презентирање идеи и проекти што би можеле да бидат корисни во справувањето со дезинформациите, а за што се предвидени и мали грантови. Со нив, наставниците ќе научат за предизвиците и за начините како да се справуваат со нив, како и да изнајдат проекти што би биле интересни и релевантни за нашата средина. Преку вмрежување и меѓусебно запознавање, учесниците ќе можат да работат на теми од нивен интерес, поддржано од домашни и странски експерти од овие области“ – вели Џесика Меккју.

Меккју појасни дека целна група на односната обука се наставници од сите предметни области во основното образование, заинтересирани за инкорпорирање на технологијата и вештините за медиумска писменост во нивната наставна практика. Нејзиниот колега, Нолан Херин, рече дека тренерите што го водат кампот одржуваат предавања за искуствата и практиките по прашања од областа на сајбер-безбедноста, вештачката интелегенција како глобално прашање, прашањето на дигитална писменост.

„ Дезинформацијата е проблем кој расте од ден во ден. Имаме спроведено повеќе слични кампови низ повеќе земји, но ова е прв од ваков тип, на кој целна група се наставници. Вообичаено работиме со новинари, овојпат работиме со едукатори, кои би им помогнале на наставниците на начин што би им дале алатки што би им ги пренеле на учениците, како би ги препознале дезинформациите и би се справиле со истите.“ – вели Херин.

Седум практични работилници, со кои се поврзуваат ментори од приватниот сектор, академијата и невладини организации со македонските едукатори, се дел од овој камп. Учесниците на кампот работат во мали групи, за да развијат практични иновативни решенија поврзани со најновите трендови и најдобри практики во образованието за медиумска писменост, борба со дезинформациите и лажните вести, како и основите на сајбер-безбедноста.