Технолошко рекреативна зона Касарна – технолошки развој, економски раст, вработувања и дополнителна туристичка понуда
Нови модерни објекти кои ќе бидат седиште на повеќе технолошки компании во зоната каде сега се наоѓа Регионалниот центар за граничен надзор „Запад“ на самиот влез во касарната, реконструикција и модернизирање на постоечките објекти или т.н. згради пепрутки и поранешната армиска менза, оплеменување на просторот со уредување на постојното зеленило и со дополнителни хортикултурни и парковски содржини, предвидува Физибилити студијата за развој на касарната во технолошко рекреативна зона. Делот во кој веќе се изгради првиот голф терен во Македонија е планиран комплетно како рекреативна зона која со изградбата на PumpUp патеката и адреналинскиот парк ќе допринесе да се зголеми туристичката понуда и атрактивноста на дестинацијата преку целата година.
Инвестициите во рекреативната зона општината може да ги изменаџира заедно со локалните чинители во туристичкиот сектор и спортските клубови. Она што е потешко да се реализира е технолошкиот дел од развојната зона, да се најдат инвеститори кои би вложиле во објектите од кои дел имааат голем потенцијал, вели тим лидерот на изработувачите на студијата, Методија Саздов.
„ Еден од нив и мој омилен е старата менза во касарната којашто може да биде еден вид мини саем , меѓутоа и место кадешто ќе се одржуваат културни манифестации, настани, изложби, концерти. Пистата надвор или хелиодромот може да се користи како дополнителен дел за тие содржини. Општина Охрид може да го украде шоуто за саемски манифестации, посебно за оние кои се одржуваат на отворено, како за градежништво, земјоделство. Простор има доволно. Тоа е една почетна активност за која се потребни најмалку инвестиции и може да се заврши со некое јавно-приватно партнерство.“- изјави за ТВМ, Методија Саздов.
Изнаоѓање на голема технолошка компанија која би инвестирала во просторот на поранешната касарна е задача на општината во соработка со Владата , да привлечат голем инвеститор и да се одлучи дали ќе се реконструира некој од старите објекти или да се изгради нов објект. Со Технолошко-рекреативната зона може целосно да управува Општина Охрид или да се прогласи за технолошко индустриска развојна зона со заедничко управување помеѓу општината и Дирекцијата за ТИРЗ.
„ Во Македонија генерално секогаш најголема пречка се финансиите. Затоа сметам дека Општина Охрид треба да ја управува зоната во соработка или советодавно партнерство со локалната заедница, локалните бизниси, компании, спортски клубови, затоа што на тој начин ќе може бесплатно да добие информација , ресурс што е тренд во светот и да се договорат како заеднички да настапат во привлекувањето на инвеститорите. Значи домаќинското управување на касарната е многу важно, бидејќи вие можете да инвестирате , но ако не управувате домаќински трошоците за одржување ќе бидат прескапи.“ – вели Саздов.
Ризиците во реализацијата и управувањето со зоната би се намалиле само со вклучување на експерти и не мешање на политика , со цел привлекување компании да инвестираат во општината. За да се реализира се она што е предвидено со Физибилити студијата , во првите 5 години би требало да се инвестираат 12 милиони евра. Самоодржливоста на зоната би започнала после 6-тата година , а за 10 години општината би почнала да генерира приходи.
Технолошко рекреативната зона Касарна ќе значи отворање на нови бизниси, стартапи, пропратни услужни дејности, нови вработувања и задржување на младите во Охрид, образование и развој на вештини, вмрежување и соработка на бизниси со високообразовните институции од регионот, конференции, саемски и деловни настани преку цела година и содржини кои ќе ја збогатат туристичката понуда.