Skip to main content

Здравство

Во тек е пријавувањето за бесплатна вакцинацијата од сезонски грип

Вакцините се холандски, пристигнати се во земјава, а самиот процес на вакцинација се очекува да започне кон крајот на овој месец.
 |  Голабовски Крсте  | 
Вакцинација

Добро познатиот, но никогаш добредојден гостин, грипот, каде и да е, ќе тропне на вратите на нашите домови. Вообичаено најголем број на заболени има во месеците декември, јануари и февруари, сепак, најдобро е да се биде подготвен и пред се заштитен. По електронски пат, преку страницата vakcinacija.mk почнува пријавувањето за бесплатната вакцинација од сезонски грип. Oваа година Министерството за здравство набави 60.000 бесплатни дози четиритипни вакцини против сезонски грип, согласно препораките на СЗО, против типови вируси карактеристични за северната хемисфера, вели Директорот на Центарот за јавно здравје од Охрид, Сашо Точков.

„Вакциите се холандски InfluvacТetra од Abbot biological од Холандија. Значи, вакцини кои се високо квалитетни и кои искуствено години наназад се покажале добро на овој простор на Северната хемисфера. Вакцинирањето ќе го вршат тимови во епидемиолошките амбуланти во центарот за јавно здравје во Охрид, Струга и Дебар“, – вели Сашо Точков – Директор на Центарот за јавно здравје од Охрид.

Точниот датум кога ќе започне вакцинацијата дополнително ќе биде објавен, вели Точков. Овие вакцини ќе можат да ги добијат стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата на возраст од 6 месеци до 5 години. Со пополнување на формуларот, заинтересираните се регистрираат за вакцинација директно во системот Мој Термин. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, по пат на СМС или електронска пошта ќе добијат информација за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата. Ќе има доволен број на вакцини, уверува Точков.

„Ќе имаме и комерцијални вакцини за оние коишто не припаѓаат во овие групи, а ќе сакаат да се вакцинираат. Во тек се пресметките околу цената, мислам дека ќе чини околу 600 денари, поефтина од минатите години, но ќе можат да ја примат оние кои сакаат да се заштитат.„Како и секоја година ЦЈЗ ќе има мобилни тимови кои што ќе бидат на располагање за оние коишто се стари и изнемоштени лица, лица кои живеат сами и се неподвижни и лица во рурални средини, нашите мобилни тимови ќе одат и ќе ја аплицираат вакцината секако“, – Сашо Точков – Директор на Центарот за јавно здравје од Охрид.

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција од грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи.