Skip to main content

СВР Охрид и Здружението на пензионери превентивно против измамите со лажни сообраќајки

Измамите преку телефон за лажни сообраќајни несреќи повторно зачестија во охридско-струшкиот регион. СВР Охрид и Здружението на пензионери делуваат едукативно посебно кај повозрасната популација која е претежно мета на измамниците.
 |  инфодеск  | 

На иницијатива на СВР Охрид, се одржа работна средба помеѓу полициски службеници од отсекот за превенција при СВР Охрид и претставници од Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца. Целта на средбата беше размена на информации и координација околу повторните телефонски измами на претежно повозрасни лица за наводно случени сообраќајни незгоди.

Полициските службеници укажаа на потребата, Здружението низ своите активности како и низ други форми, да врши поинтензивно информирање на своите членови за телефонските измами на претежно повозрасни лица за наводно случени сообраќајни незгоди предизвикани од членови на нивните семејства, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Во таа насока, Здружението на пензионери, наскоро ќе организира трибина на оваа тема на која, членовите подетално ќе се запознаат со начините и формите на вршење на кривичното дело како и со постапките што треба да се преземат по добиено телефонско јавување.

-Целта е да се заштитат граѓаните од душевна болка, но и од барањата на сторителите да плаќаат пари за наводна помош при понатамошната постапка за членот на нивното семејство да биде ослободен од кривичен прогон, вели Димоски.

Полициските службеници вчера на повеќе места во Охрид, разговараа со повеќе граѓани и низ непосреден конатакт ги информираа за појавата со телефонските измами, за напорите на СВР Охрид за пронаоѓање на сторителите и ги повикаа граѓаните, на внимателни реакции при евентуално добиени известувања, апелираа да не наседнуваат на барањата за давање пари и итно пријавување на секое јавување.