Skip to main content

Температурата на водата во Охридското Езеро е 9 степени, препораки до капачите

Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10:00 часот од градското пристаниште, а чинот на полагањето за прв пат ќе го изврши Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан.
 |  инфодеск  | 

Сѐ е подготвено за најголемата црковно народна манифестација Богојавление Водици во Охрид. На 19-ти јануари, богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во 7 часот наутро. Оваа година Свети Литургии  ќе се одржат во четири парохиски цркви; Успение на Пресвета Богородица – Каменско, Св. Никола- Геракомија, Св. Никола- Долна Влашка Мала и Св. Георгија- Горна Влашка Мала. Литијата кон градското пристаниште ќе се упати во 9:45 часот.

Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10:00 часот од градското пристаниште, а чинот на полагањето за прв пат ќе го изврши Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан.

– На огромна радост оваа година на сите нас охриѓани и сите присутни оваа година ќе имаме чест да изврши Богојавленски водосвет неговото блаженство архиепиското охридкси македонски г г Стефан . централната богослужба оваа година ќе биде во храмот на Пресвета Богородица во Каменско, вели Илија Ристевски претставник од Дебарско кичевската епархија.

Илјадници верници се очекува да го следат осветувањето на водите на Охридското Езеро, а стотици капачи ќе пливаат по Светиот  крст.

Температурата на водата во Охридското Езеро е околу 9 степени, на воздухот ќе биде околу 6 степени, за безбедноста на капачите ќе се грижат 5 тимови на спасители на вода  во  чамци, 2 нуркачки тимови, како и 6 медицински тимови за  прва помош со амбулантско возило на копно.

Пријавени се стотици капачи,  покрај охриѓани има и верници од други градови.

-Препораките се општи, доколку имаат некој здравствен проблем  да не влегуваат во вода, да не конзумираат алкохол, да пијат топли напитоци. Да практикуваат да стават обувки на нозете при влегување во вода и да не се задржуваат повеќе од 5 минути во езерото, изјави Сашо Точков претседател на Црвен крст Охрид.

Охриѓани со посебен пиетет го слават Богојавление Водици. Богослужби во сите цркви, литии до градското пристаниште, духовна музика, но и греана ракија се дел од традициите.

На празникот во 12 часот на месноста Сараиште ќе биде организирано и  групно крштевање во Охридското Езеро. И годинава во организација на Црвен Крст ќе се одржи традиционалната крводарителска акција, но и медицински превентивни прегледи за капачите.

– Во сабота на 18ти медицински тимови ќе вршат општо прегледи од 19 до 23 часот на потегот Чун Капетанија, како и секогаш. Сите заинтересирани може да направат бесплатен преглед, додава Точков.

По церемонијата за осветување на водите од Охридското Езеро, за доброто празнично расположение, на градскиот плоштад е предвидена богата музичка програма. Свои настапи ќе имаат: Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски и групата ДНК, со композиции од музичкиот проект „Македонијо во срце те носиме“.

Прославата за Водици во Охрид, продолжуваат на 20-ти јануари со уникатната манифесатација Денот на рибарите во чест на празникот Свети Јован Крстител.

Новинар Соња Рилковска