Теоретска наобразба за Граѓанска наука
Започна теоретскиот дел од Граѓанска наука. Се одржа првата работилница за граѓанска наука во просториите на Јавна Установа Национален парк Галичица во Охрид, на која учесниците се запознаа со основните податоци за проектот. Им беа претставени деталите и значењето на овие активности кои покрај едукација ќе претстсавува и модел за заштита на природните и културни вредности на Националниот парк. Интересот е прилично голем, па така покрај луѓето кои гравитираат околу паркот, присутни беа и членови на повеќе организации од регионот .
„Ме мотивира затоа што сакам природа и сакам што е можно повеќе да знам за неа. Често посетувам Шуми, а најмногу ме интересираат Печурките. Граѓанска наука за мене значи повеќе да се едуцираме за природата и што можеме повеќе да ја истражиме и да дознаеме за неа.“, вели Марија Гаврилоска од Извидничкиот одред „Мирко Милески“ – Кичево.
Работилниците претставуваат теоретски дел од проектот и служат како наобразба за понатамошните практичните активности кои ќе следуваат од пролетниот период, кажа Ангела Тасеска соработник за еколошка едукација во установата.
„Да се запознаат со генералните информации за граѓанска наука, како таа се спроведува во останатите држави, за натура 2000 мрежата, при што овој процес е дел од Натура 2000, потоа ќе се запознаеме со дел од мобилните апликации кои што ќе се користат во иднина, ќе се спомене и за видовите кои ќе бидат мониторирани во текот на овој процес.“, кажа Ангела Тасеска соработник за еколошка едукација во НП Галичица.
Даниел Богнер, координатор на проектот, е задоволен од проактивноста на вработените во Националниот парк . Вели дека овие активности се важни за пристапните преговори за влез во Европска Унија.
„Во моментов Македонија се подготвува за приклучување кон Европската Унија, а воспоставуавње на Натура 2000 Мрежата на заштитени подрачја е предуслов за пристапувањето во Унијата. Со овој проект ние го поддржуваме тој процес, помагаме на Министерството за животна средина а Националниот парк Галичица е партнер во овие процеси.“, потенцира Даниел Богнер, координатор на проектот.
По втората теоретска работилница предвидена во месец февруари учесниците ќе бидат целосно оспособени за мониторниг. Тие ќе можат самостојно да набљудуваат, истражуваат и прибираат податоци за растенијата и животните во националниот парк. Заедно со вработените во паркот и експертите ангажирани во проектот, практичните теренски активности ќе се реализираат на месечно ниво од март до септември за пронаоѓање и мапирање на растенијата животните.