Тепачките се поретки во охридските училишта
Тепачките се поретки во охридските училишта
Во охридските училишта опаѓа бројот на евидентирани насилни однесувања. Во образовните институции се поретки се тепачките и расправиите помеѓу учениците. Мирната работна и училишна атмосфера е карактеристична и за ОСУ „Св. Климент Охридски“.
Директорот на оваа образовна институција, Наум Рилкоски, вели дека за високиот степен на безбедност свој придонес има соработката со полицијата и ангажманот на агенциите за лично обезбедување, кое го обезбедува општината. Охридските училишта може да се пример како да се спречи и превенира насилството во останатите школи во земјава, нагласува Рилкоски. Директорот додава во однос на безбедноста од година в година, напредуваат како училиште. Мината година имале две до три тепачки или расправии, а годинава тие се сведени на минимум.
Полициската статистика, исто така, потврдува насилствата во училишните центри имаат тренд на опаѓање. Во периодот септември – февруари, во учебната 2010/2011, биле регистрирани 6 тепачки и едно неовластено влегување во училиште. Во истиот период пак, во учебната 2011/2012 година биле евидентирани само една тепачка и три недозволени упади во училиштата. Секако дека влијание има и поголемата присутност на униформираните лица во охридските основни и средни училишта. Ставањето на насилството под контрола, во и околу училиштата, е резултат на две годишната имплементација на проектот „Превенција од насилство во училиштата“, потврдува портпаролот на СВР, Стефан Димоски. „Во секое училиште секторот за внатрешни работи задолжува по еден полициски службеник. Негова задача е околу училишните центри, да регистрира, превенира и презема мерки за да нема негативни појави, како што е насилството во училишните центри“, укажува Димоски.
Проектот го спроведува СВР Охрид, а има за цел поголема безбедност на учениците во училиштата. Преку изнаоѓање на мерки и соработка на повеќе институции, НВО, полицијата, советите на родители, професорите, Локалниот совет за превенција од Охрид и Дебрца и преставници на мисијата на ОБСЕ, ќе се превенира асоцијалното однесување на младите во заедницата.
{loadposition content9}