Tешка е битката со несовесни поединци
Загриженост дека засега тешко ја добиваме битката со несовесноста и алчноста на поединци, како и на крадците и вандалите кои ги уништуваат спомениците и дивите копачи кои ги сквернават локалитетите, искажа министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска на меѓународниот форум „50 години Конвенција за светско наследство на УНЕСКО: Меѓународни стандарди во национален контекст“. Министерката напомена дека можеме да констатираме дека и покрај преземените активности, нашата заедничка акција како да го нема задоволителниот интензитет во справувањето со причините и причинителите кои го загрозуваат Охридскиот регион, впишан во Листата на УНЕСКО како реткост од светско значење. Еколозите, исто така, сметаат дека има изработени документи кои се однесуваат на препораките и заклучоците од Унеско кои укажуваат на управувањето со природното и културно наследство на Охридскиот регион, стратешки документи во кои се повторуваат зададените мерки, но без надлежно тело кое ќе ги спроведе, вели охридскиот екологист Ѓоко Зороски.
„Посебно проблематични се решенијата со дивоградбите, отстранувањето на објектите кои се на езеро, донесување мерки за заштита на крајбрежјето, како што е Студенчишкото Блато. Нема посебно централно тело кое би управувало со Охридското езеро и регионот, нема точни надлежности за да се спроведат на терен. Разводнета е ситуцијата со донесување конкретни мерки, продуцираните документи ги прикажуваме во Унеско, а со имплементацијата на терен се заостанува, посочува Ѓоко Зороски, екологист.
Сето ова оддава впечаток како да нема вистинска заштита за локалното природно и културно наследство кое го имаме, а го уништуваме, а при тоа е неотуѓив дел од светското природно и културно наследство.
„Постои ниска свест, а од друга страна големи се апетите на инвеститорите кои сакаат да го пробијат заштитениот појас. Во однос на документите и легислативата со кои сме обврзани, има цел збир на фактори кои влијаат да имаме градби, дивоградби и кршење на законите, и ситуацијата на терен заостанува. Треба доекипираност на надлежните институции на локално и централно ниво, со луѓе кои ќе работат со оваа материја“, укажува Зороски.
Во контекст на заштитата на природното наследство, локалитетот Студенчишко Блато чека да добие заштитен статус Парк на природата. Владата вчера не расправаше заради неажурност на надлежните комисии кои не се состанале. Со тоа се пролонгира прогласувањето на блатото за заштитено подрачје во 4 категорија според Законот за заштита на природата. Со овој акт треба да се спречи исчезнувањето на последниот глацијален остаток на блатната вегетација во Македонија како последица на човечкиот фактор за кој алармот ѕвони повеќе од две децении.