Skip to main content

Владина одлука за замрзнување на цената на лебот

Тешко кој нема за леб, коментираат охриѓани

Рафтовите останаа празни во продавниците, а пекарите не доставија леб за цена од 33 денари. Не отстапија од ставот дека ќе го прекинат производството по владината одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб. Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат ја следат ситуацијата на терен.
 |  Валентина Неловска  | 

Пекарите, утрово, не испорачаа бел и полубел леб по цена од 33 денари во маркетите и продавниците. На полиците во некои продавници можеше да се купи само сечениот бел леб со рок на трајност или поскапите пакувани лебови. Граѓаните не се изненадени од одлуката на пекарите ама се во очекување како ќе се развива понатака снабдувањето во трговијата со лебот, основниот прехранбен продукт за поголемиот дел од населението.

„Искрено, ова не се знае кој јаде, а кој пие, до каде ќе се оди. Треба да се реши и за едните и за другите, да е еднакво и во полза на сите .

„Условите се тешки, сиромаштија е голема, платите мали, пензиите по 11.000 денари. Бакрдан ќе купуваме, пченкарно поефтино е, ќе вариме, ќе јадеме. Струјата е скапа за печење , многу е тешко“.

„Не знам како што оди работава никој не намалува цена. Досега поефтинија и бензинот и се, а цените на храната се исти. Дури одат и нагоре. Немаме надеж, тешко кој нема да си купи леб“.

„Прават инает, ама докаде ќе одат не знам“, се дел од коментарите на охриѓани.

Од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија не отстапуваат од ставот дека нема да произведуваат и да дистрибуираат бел и полубел леб во трговијата по ослуката на владата да ја замрзне цената.


Денес, на терен излегоа инспекторите на Државниот пазарен инспекторат кои ја следат ситуацијата дали се почитува владината одлука за замрзнување на цената на белиот и полибелиот леб на 33 денари. Се прави контрола на производителите кои не испорачале леб. Кога ќе завршат со контролите ќе има сознанија за фактичката состојба, информираат од ДПИ.
Доколку пекарниците престанат со производство на леб, Владата смета дека има законски одредби со кои може да се санкционираат. Тогаш ќе постапат другите институции, како што е Пазарниот инспекторат, но и Комисијата за заштита на конкуренцијата, кажа министерот за економија, Крешник Бектеши, при вчерашното објавување на одлуката за укинување на субвенцијата за струја на производителите и ограничување на цената на лебот до 31ви мај.